Се одбележува Европска недела на ХИВ- тестирање

15 лица се регистрирани како хив позитивни во Куманово во последниве триесет години откако почнала да се следи состојбата. Од нив кај тројца мажи инфекцијата е откриена годинава. Иако во рамките на центарот за јавно здравје постои советувалиште  каде што заинтересираните граѓани без оглед на возраста  можат да добијат бесплатно советување и хив тестирање , сепак тоа не е многу посетено. Со цел да се подигне свеста кај населението годинава од 18 до 25 –ти ноември се одбележува Европската недела на ХИВ тестирање под мотото „Тестирај, лекувај, превенирај“. Повеќе од 500 организации од 50 европски држави учествуваат во активностите кои што ќе овозможат што повеќе луѓе да добијат информации за превенција од ХИВ, да го дознаат својот ХИВ статус и да им биде овозможен пристап до терапија, грижа и поддршка.

Со свои активности секоја година  се вклучуваат и волонтерите од  општинската организација на црвениот крст во Куманово. Годинава беше реализирана Кампања за подигање на свеста за хив превенција во општина Куманово, која заврши со  ХИВ  инфо штанд на градскиот плоштад, вели волонтерот Сања Росевска.

Проектот „ Кампања за подигање на свеста за ХИВ превенција  во општина Куманово“ финансиран од ХОПС и ЕУ , преку ИПА проектот „Превенција  на ХИВ и употреба  на дроги меѓу граѓаните од пограничните области“.

Инаку што се однесува до ХИВ вирусот, сидата се пренесува преку крв и крвни продукти заразаени со вирусот, преку сексуален контакт без заштита со веќе инфицирано лице, како и пренесување на болеста од ХИВ позитивна мајка на дете за време на бременоста, породувањето и во текот на доењето. ХИВ не може да се пренесе со гушкање, ракување, кашлање и кивање, преку облека, храна подготвена од ХИВ инфицирано лице, преку комарци и слично.