Нашиот град од вчера е под постојани врнежи од снег. Сепак, во Кумановско сите магистрални, регионални, локални патишта и улици се проодни, но сообраќајот се одвива во отежнати зимски услови.
Проблеми со снегот и навеви има само на локалните патишта во селата, велат од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК).
„Во Куманово од синоќа на терен е механизацијата и фрлени се потребните количини на сол по улиците. Градското подрачје е релативно исчистено, тука се вклучени и јавните претпријатија, а се работа на чистење и на јавните градски површини“, вели Горан Стојановски раководител на РЦУК.
„Екипите за зимско одржување на улиците во вечерните часови интервенираа на коловозите распрскувајќи сол. Улиците и булеварите се проодни, а екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ вршат расчистување на тротоарите и пешачките патеки. Активно ја следиме состојбата со снежните врнежи“, објави на фејзбук градоначалникот Максим Димитриевски.
Од Регионалниот центар велат дека досега во Кумановско немаат ниту една поплака од граѓаните во врска со непроодност на патиштата или други проблеми предизвикани од снегот.