Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека нема двојно оданочување на доходите остварени во странство и дека граѓаните кои платиле данок надвор од земјата и понатаму можат да доставуваат валидни докази, по што ќе следи корекција на даночните обврски. Ова на денешната прес-конференција го соопштила директорката на Управа за јавни приходи, Елена Петрова, по реакциите на граѓани кои тврдат дека за истиот доход се оданочени и во странство и во Македонија, објави Мета.мк.
„Не може да има двојно оданочување, бидејќи и Законот за персонален данок на доход и меѓународните договори со земјите со кои имаме склучено договори, обезбедуваат механизми за спречување на двојното оданочување. Во исто време, тие спречуваат и двојно ослободување, односно данокот да не биде платен во ниту една земја“, изјави Петрова.
Таа појасни дека УЈП постапувала согласно законските рокови и дека даночните решенија за 2020 година морале да бидат донесени најдоцна до 31 декември 2025 година, односно во рок од пет години по истекот на годината во која е остварен доходот.