Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска заедно со кандидатот за градоначалник на општина Куманово, Мартин Костовски и кандидатите за советници, направија обиколка на зелениот пазар во Куманово. По разговорите со продавачите и посетителите на пазарот, Филипче изјави дека постои сериозна загриженост кај граѓаните за економската состојба и лошите економски политики на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
За пазарот, како што кажа Филипче, нема да се продава, туку дека во програмата на СДСМ има детален план за негово целосно реконструирање со современи услови, вклучително и подземен паркинг за подобри услови за работа и за посетителите.
Тој додаде дека проектите на Мартин Костовски се дел од поширока визија за Куманово како модерен европски град, со содржини за сите – културни активности, можности за младите претприемачи и современа инфраструктура за сите генерации.
„Земјоделците и продавачите укажаа на недостигот од поддршка од државата, укинувањето на субвенциите и авансните плаќања, што директно влијае на производството и на цените на производите. Граѓаните, пак, се жалат дека сè потешко можат да ги купат основните прехранбени производи, резултат на лошите економски политики на актуелната влада. За овој пазар конкретно, дел од луѓето што тука работат изразија стравување дека актуелниот градоначалник планира да го продаде. Сакам да кажам дека во нашата програма јасно стои – пазарот нема да се продава. Наместо тоа, имаме детален план за негово целосно реконструирање со современи услови, вклучително и подземен паркинг за подобри услови за работа и за посетителите“, истакна Филипче.
Видеото по вестите во 18 часот.