Арсиќ: Нема основа за вонредна седница

Барање за свикување на каква било седница до денеска не е поднесено од ниту еден советник, истакна претседателот на Советот на општина Куманово, Александар Арсиќ, откако советниците од Коалицијата за Подобра Македонија минатата недела преку медиумите побара итно да расправаат за актуелните локални проблеми.  Тој дополни дека на своја иницијатива утринава одржал координација со координаторите на сите советнички групи, на која ги информирал за  законскиот пат за свикување на седница.

-Согласно член 29 од Статутот на општина Куманово, седниците ги свикува претседателот на Советот на своја иницијатива, на барање на градоначалникот или на барање од најмалку една четвртина од членовите на советот, најдоцна во рок од 15 дена од денот на негово поднесување. Како прво Советот не може да свикува итно седница бидејќи како таква не постои,туку советот работи на редовна, вонредна или свечена седница-нагласи Арсиќ.

Претседателот на Советот објасни дека согласно член 30 од статутот на општина Куманово, вонредна седница се свикува за прашања од значење на безбедноста и сигурноста на граѓаните, како што се пожари, поплави, земјотреси и слично и при посети на делегација или висок функционер.

-Од тука констатиравме дека нема оправданост на причините за свикување на вонредна седница. Затоа на оваа координација донесовме заклучок на редовната седница која ќе се одржи на 5-ти април согласно член 56 од деловникот за работа на Советот, секој советник има право, дневниот ред да го дополни со нова точка од дневен ред за која смета дека советот треба да расправа. На тој начин ќе се овозможи расправа за кое било прашање кое е од интерес на граѓаните, но во исто време ќе бидат запазени сите законски регулативи по кои работи Советот на општина Куманово-истакна тој.

Првиот човек на кумановскиот Совет, додаде дека минатата недела одржал состанок управниот одбор на ЗЕЛС, кој добил мислење од Министерството за правда дека законскиот рок во кој може да работи Советот и градоначалникот на Куманово, ќе биде крајот на првата половина на мај.

 

 

 

 

 

Коментари

коментар(и)