Бизнис идеите на кумановски средношколци меѓу топ 20 во Македонија  

Апликацијата „МindMap“ на тимот од средното училиште „Перо Наков“ и идејата „Купувај локално“ на кумановските гимназијалци се селектирани меѓу најдобрите 20 бизнис идеи во Македонија во рамки на натпреварот „Средношколец милионер“, еден од најголемите натпревари во Македонија за млади иноватори со награден фонд од еден милион денари.

Апликацијата „МindMap“ која нуди безбедна заедница за поддршка меѓу врсници, како и пристап до едукативни видеа и совети од професионални психолози е изработена од Ивона Липковска, Маја Стојмановска, Сара Младеновска, Ивана Ангеловска, Ања Тасковска и Миа Лазаревска, ученички во „Перо Наков“. Оваа апликација е деветта на ранг-листата за најдобри бизнис идеи во Македонија.

Идејата „Купувај локално“ на тимот од Гимназијата „Гоце Делчев“ се пласираше на 14 место.

Учениците сега продолжуваат со следната фаза од натпреварот: ќе посетуваат специјализирани предавања и менторски сесии за да ја усовршат својата идеја и да се подготват за следниот чекор пред инвеститори.