(ВИДЕО)Над пет милиони денари за проекти од културата во Куманово

25 годишниот јубилеј на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ годинава ќе биде поддржан со милион денари од министерството за култура, а финансиски ќе бидат помогнати и новите фестивали, Меѓународниот фестивал на прозата во Куманово и Фолклорниот фестивал „Илинден“. НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ доби  5,5 милиони денари од надлежното министерство за реализација на настани кои влегоа во Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2022 година.

-Оваа година задоволни сме што за традиционалниот фестивал Денови на комедија имаме добиено милион денари од мк, исто така за новиот Меѓународен фестивал на прозата, поднесовме документи, одобрени се 120.000 денари и одобрени се дополнителни средства за литературна дејност 90.000 денари, така што се надеваме дека тој фестивал ќе биде еден нов фестивал и ќе биде еден од столбовите на центарот за култура и се надеваме дека ќе биде традиционален. Размислувањата се да има гости од странство за почеток па се надеваме дека ќе добиеме во Куманово една убава приказна на Фестивал на проза. За „Денови на комедија“ има зголемување на средствата оваа година, лани имавме 700.000 денари, оваа година милион денари. Имаме одобрено и за 4 театарски претстави, финансии за две претстави на македонски и за две на албански јазик. Тука е и литературната дејност, изложбената дејност. Би сакал, исто така да потенцирам дека е одобрен повторно и „Графити фест“, фестивалот кој го правиме во Куманово во месец мај, така што секогаш може подобро и уште повеќе средства да се одобрат, меѓутоа тука се и нашите проекти од нашите сопствени средства. Би сакал да најавам дека е одобрено и гостување на Национална опера и балет оваа година што поднесовме  апликација, треба да се реализира тој концерт некаде во месеците мај, јуни така што оваа година ќе имаме богата програма во центарот за култура, изјави Сашо Тодоровски, директор на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“

Министерството за култура годинава финансиски ќе поддржи околу 25 културни манифестации. Но, освен овие настани, центарот за култура најавува и богата културна програма со сопствени средства односно најмалку по две манифестации од културата неделно.

За успешната реализација на програмата, центарот за култура очекува поддршка и дополнителни средства и од општина Куманово.

-Општината објави конкурс за културни настани така што очекуваме и од нив поддршка. Ние ќе аплицираме и таму со три проекти „Денови на комедија“, Меѓународен фестивал на проза и ќе побараме пари и за Младинскиот оркестар при центарот за култура, одобрени се финансии од министерството за култура за нив, меѓутоа ќе побараме и од локалната самоуправа. Сигурни сме дека и таму ќе наидеме на разбираме и ќе се одобрат дополнителни средства за манифестациите, изјави Тодоровски.

Јавниот повик за одржување на културни манифестации на општина Куманово трае седум дена. Како подносители на барањата можат да се јават јавни установи, здруженија, фондации и други правни лица кои имаат регистрирано дејност од областа на културата.

Коментари

коментар(и)