(ВИДЕО)Тече изградбата на кружниот тек на „Октомвриска револуција“

Со изградба на пет кружни текови општина Куманово ќе го намалува сообраќајниот метеж, но и ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот на патиштата. Деновиве активно се работи на првиот кружен тек, кој се гради на на крстосницата помеѓу двата булевара „Октомвриска револуција“ и  „Трета Македонска ударна бригада“. Изведувачите се на терен и работата се одвива согласно предвидената динамика. Со отпочнувањето на проектот дислоцирана е постоечката семафорна сигнализација и дел од уличното осветлување, а направени се и подготовки за бекатонски и градежни работи за изработка на коловозот, пешачки и велосипедски патеки. Новиот асфалт ќе биде во два слоја на површина од 5.560 м2. Ќе има паркинг простор,  тротоари на површина од 2.050 м2, ќе се постават нови бетонски рабници во должина од 1.285 м. Со проектот предвидува поставување на нова вертикална и хоризонтална сигнализација , а на сите пешачки премини, острови и тротоари ќе бидат спуштени бетонските рабници за непречено движење на пешаците, лицата со попреченост и мајки со колички. Ќе бидат поставени корпи за отпадоци и 40 светилки. Градежните работи ги изведува струмичката фирма „Жикол“. Вредноста на инвестицијата е околу 36 милиони денари.

Паралелно, општината распиша оглас и за вториот кружен тек, кој ќе се изгради помеѓу булеварот „Трета МУБ“ и „Гоце Делчев“. Проектите за изградба на кружните текови ги изработува јавното претпријатие „Куманово план“.

Нови кружни текови ќе бидат изгрдени  и на крстосницата меѓу булеварот „Октомвриска револуција“ и улицата „Доне Божинов“ ( во близина на бензинската пумпа Макпетрол), кружен тек на крстосницата помеѓу „Трета МУБ“ и улицата „Тоде Мендол“ ( кај градскот пазар) и на крстосницата помеѓу „Октомврска револуција“ и улицата „Видео Смилевски Бато“ (влез во село Проевце).

Инаку, за првиот кружен тек, кој се изгради пред две години на влезот во градот, Куманово одвои над 20 милиони денари.

 

Коментари

коментар(и)