Основното училиште „11 Октомври“ годинава одбележува 58 години од постоењето. По повод патрониот празник под мотото „Новото училишно руво не мотивира и инспирира за нови знаења“, училиштето организира повеќе активности кои неделава се преклопуваат со детската недела, со денот на учителот. Како што информираат надлежните од училиштето, првачињата вчера станале дел од детската организација, а денеска освен меѓуучилишните спортски натпревари, во холот на училиштето се реализираше и ликовна работилница на која освен ученици од училиштето-домаќин, својата креативност ја покажаа и ученици од други шест училишта од нашата општина.
-Инспирација ни е новата инфраструктура, минатата година заврши внатрешното уредување на училиштето, сега продолжува втората фаза од реновирањето. Ова е проект од Владата „Реконструкција и обнова на основни и средни училишта“, се работи на фасадата, енергетско-ефикасна фасада со што училиштето навистина ќе добие ново руво, учениците се многу инспирани бидејќи убавината секогаш инспирира за творење. Имаме многу високи постигнати резултати на училишни, општински, регионални и државни натпревари. Јас лично многу сум задоволна од тоа како тече реконструкцијата и обновата на нашето училиште, успешна година беше во секој случај. Планирано е до крајот на оваа година да биде готова фасадата и потоа ќе очекуваме и реновирање на училишната спортска сала., изјави Костадиновска-Костиќ.
Ликовната колонија е насловена „11 Октомври денеска“, информира наставникот по ликовна уметност Александар Стефановски.
Во рамките на одбележувањето на претстојниот патронен празник училиштето распиша и литературен конкурс на кој учениците освен на македонски, можеа литературно да се изразат и на јазиците кои се дел од наставната програма во училиштето, англиски, француски, германски и италијански јазик.
Одбележувањето ќе заврши следната недела со свечена седница на вработените во училиштето. Годинава, заради реконструкцијата на училишниот објект, не е предвидена свечена приредба на денот на патрониот празник , 11-ти Октомври.
