ВИДЕО: Вицепремиерот Битиќи ја посети компанијата „Махагони“, која успешно работи веќе 28 години

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи денеска во Куманово ја посети компанијата за дизајнирање и производство на мебел „Махагони“. Тој истакна дека фирмата, специјализирана за дизајнирање и производство на висококвалитетен мебел од бука и храст, успешно опстојува на пазарот веќе 28 години. Нагласи дека менаџерот го живее американскиот сон во нашата земја, започнал од гаража од 25 метри квадратни, а денеска има фабрика од 3.000 метри квадратни. И тој пример нагласи дека треба да го следат сите. Рече дека компанијата е извозно ориентирана и 70 отсто од своето производство го пласира на пазарите во Хрватска, Србија, Словенија, Германија и дури И во Канада.

Владата ја поддржува оваа компанија веќе во нивниот втор инвестициски циклус, со втор договор според кој минималната инвестиција изнесува 17 милиони денари, за финансиска поддршка за инвестициски вложувања во деловен објект, опрема и машини, со цел проширување и подобрување на производните капацитети, и нови производи со современ и подобар квалитет, што оваа домашна компанија ја прават поконкурентна.
Првиот договор за финансиска поддршка на компании со Махагони го потпишавме во 2021 година, пост ковид година, што значи дека се охрабриле и инвестирале во развој во време на криза. Ја добија поддршката тогаш, ја добиваат и сега и тоа така ќе продолжи
-истакна Битиќи.

Вицепремиерот нагласи дека портфолиото на компании, како „Махагони“,  кои ги поддржуваат во инвестициите се шири и веќе брои над 600 компании. Рече дека оваа година беше исплатена рекордна финансиска поддршка од 23 милиони евра, државна помош по Законот за финансиска поддршка на компании, со кои се поддржуваат за инвестиции кои ја зголемуваат нивната конкурентност преку нови производствени процеси, воведување на нови технологии и креирање на подобро платени работни места.

Коментари

коментар(и)