Околу 10.000 кумановци се дијабетичари, а 120 од нив се деца информираше денеска д-р Исмаил Бајрами од Центарот за дијабетес при Општа болница Куманово по повод одбележувањето на Светскиот ден на борба против дијабетесот, 14-ти ноември. За разлика од повозрасните пациенти кои што зависно од типот на дијабетесот може да се лекуваат со таблетарна терапија, комбинирана или само со инсулин, кај децата веднаш се почнува со инсулинска терапија, посочува Бајрами, потецирајќи дека најбитно е навремено да се открие дијабетесот со редовни контроли на шеќерот во крвта и доколу има потреба посета на Центарот за дијабет за понатамошно лекување на пациентот.
-Дијабетот е хронична болест која не се искоренува, меѓутоа може да се одржи во рамки на нормални вредности на гликемија која што зависи не само од лековите, не само од советите на лекарите, туку и од самите пациенти. Бројот на дијабетичари, за жал секој ден се повеќе се зголемува. Според податокот што го знам, ако во 2016 имало околу 400 милиони дијабетичари, сега се претпоставува дека бројката достигнува можеби 500 милиони. Во Македонија ориентационо има од 150.000 до 200.000 дијабетичари, а за Куманово бројката е варијабилна. Бидејќи има починати, има новооткриени, се смета дека има околу 10.000 дијабетичари само во Куманово, а од нив околу 3.000 пациенти кои се на инсулинска терапија. Главните поделби на дијабетот се дијабетес тип 1, тип 2 и гестациски дијабетес, изјави д-р Исмаил Бајрами, Центар за дијабет во Општа болница Куманово
Доктор Бајрами смета дека граѓаните не се доволно едуцирани за да навремено се открие дијабетесот, кој во принцип не предизвикува болки, но може да предизвика тешки компликации доколку не се открие навреме.
-Ако се јават симпомите кои би требало секој да ги знае треба веднаш да се јават кај матичниот лекат, кој ќе им даде упат за кај нас, Центар за дијабетес и навремено да се почне со лекување. Ако се јави поголема чувство за глад, почесто мокрење, многу пиење вода, кај некои слабеење, нервоза, малаксаност, кај нив веднаш треба да се помисли дека се работи за високо ниво на гликемија и веднаш треба да се јави кај својот лекар, а потоа и кај нас. Од она што го гледам од пациентите, тие што навистина се дисциплинирани, држат некоја нормална диета, имаат физичка активност, не се изложени на стрес и нервоза тие во најголем број од случаите се добро регулирани, а тие што се немарни, што не држат диета, што немаат активности, што имаат коморбидитети што се изложени на стрес секојдневно, кај нив малку потешко оди лекувањето. Најголем дел од пациентите се успешно третирани само со лекови, со апчиња, а сега има и секој ден нови препарати кои се многу ефикасни, а еден дел има кои ги третираме со инсулин, некој прима еднаш дневно, некој двапати, некој дури и 4 пати дневно. Имаме сега и нови ефикасни лекарства. Еден добар дел од пациентите се добро регулирани, а еден дел иако се добро регулирани по некое време се јавува по некоја компликација затоа што кај дијабетичарите се оштетуваат крвните садови, кај некои има проблеми со видот, со срцеви проблеми, бубрежни проблеми, циркулација на ретко развиена гангрена. Поради ова, за да не дојде до проблеми со очите, бубрезите срцето, нозете на сите им апелирам да внимаваат, да ги слушаат советите од лекарите за диета, за физичка активност, за терапија и по можност што помалку стрес и нервози, ако може во ова време во кое живееме. Младите, децата се дијабетес тип 1, кај нас во Куманово според моите информации има околу 120 пациенти регистрирани, возраста е многу мала, кај мене сум имал пациент од 5 или 7 годишна возраст најмладиот, а има и помали и кај нив се уште не е откриена точната причина поради која се јавува дијабетот, дали е некоја автоимуна болест, дали е некој вирус во прашање, кај нив исклучиво ако се јави дијабетот веднаш се почнува со инсулинска терапија, изјави д-р Исмаил Бајрами од Ценат за дијабет
Светскиот ден на дијабетесот првпат е одбележан во 1991 година од страна на Интернационалната федерација за дијабетес и Светската здравствена организација како одговор на зголемената загриженост од ескалацијата и заканата по здравјето што ја предизвикува дијабетесот, а инсулинот е откриен во 1920- та година.