(ВИДЕО) Децата дома, родителите на протест, реагираат на бројните промени на учителки

Родители на ученици од две паралелки од основното училиште „Крсте Мисирков“, не ги пуштија на настава нивните деца, а револтот од постојаната промена на учителки го изразија со мирен протест.

За телевизија Плус раскажаа дека за пет години образование, учениците од 5 А одделение имале шест различни учителки, додека на учениците од 5 Д одделение, новата учителка ќе им биде петта. Заеднички бараат да се вратат претходните учителки.

Реагирале и до надлежните институции, Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат, Секторот за образование при Општина Куманово. Добиле одговор дека нема прекршувања на законот, и дека новите учителки се вработени согласно конкурсот.

-Ние како родители нема да ги пуштаме нашите деца на настава затоа што сме револтирани од овие промени кои кај нашите деца предизвикуваат трауми, психички, ментално малтретирање. Ни беше кажано дека ние имаме должност да ги праќаме на училиште, што ние знаеме дека сме задолжени да ги образуваме децата, преку службите за социјално ќе бидеме санкционирани, ние не даваме отпор за образование, не ги браниме нашите деца да одат да се образуваат, туку сакаме да ги заштитиме од малтретирање од чести промени на учителки. Веќе поднесовме претстава во МОН, имаме договорено да се слушнеме со раководителот во МОН за одделенска настава, да видиме каков совет ќе добиеме на мислење сме да побараме и второстепена комисија да го разгледа конкурсот така што не се предаваме ќе видиме што ќе се случи понатаму, да оставиме на времето-истакна Верица Тодоровска, претставник на родители на 5 А одделение.

Родителите посочуваат дека се цврсто решени и учениците нема да ги пуштаат на училиште. Подготовени се и децата да полагаат одделенски испит во мај.

-Ние како родители на почетокот кога почнаа да се менуваат учителките, работевме со нашите деца ги мотивиравме, дека така мора да биде, секоја нова учителка е подобра, но сега веќе е доста, нашите деца се под емоционален притисок, и нема да дозволиме подготвени сме да одиме до крај овој пат, нема да дозволиме за четири месеци да менуваме уште една учителка и никој не споменува имавме и таков одговор кога реагиравме индиректно ни кажаа дека емоционалните потреби во законот се некаде таму на последното место во законот, што воопшто не треба да биде така-нагласи Миа Лоте, претставник на родители од 5 Д одделение.

Директорот на училиштето „Крсте Мисирков“, Филип Колевски, се сретна со родителите и објасни дека новата учителка е вработена на редовен конкурс. Тој нагласи дека го разбира незадоволството, но по пријавата на родителите и на поранешните учителки, инспекторатот бил во контрола и не биле утврдени неправилности. Дополни дека не постои никаква законска можност што е во негова надлежност за промена. Критериумите на конкурсот за вработување биле повисок степен на образование.

-Разбираме дека зборуваме за емотивното ниво и дека децата се привржани за овие учителки, дека ги засакале, ги мотивирале, но едноставно тоа како критериум не постои во законот, не може да се стави како фактор да се повикаме на него. Критериуми за повисок степен на образование се земени во предвид, сите вработени кои се во предметна настава и се продолжени станува збор за две вработени каде што имаше и поголем број на кандидати во тој конкурс. Изберени се тие со повисоко образование. Ние сме на располагање, жал ми е што учениците ќе губат од образование, родителите можат да реагираат до повисоките институции, веќе се петто одделение бидејќи е предметна настава со 10, 12 професори, така што ќе мора да ја сменат таа личност и да бидат со поголем број луѓе. И ќе биде добро да не губат од образованието-истакна Филип Колевски, в.д директор ОУ „Крсте Мисирков“.

Родителите најавија дека и утре ќе протестираат пред училиштето и дека побарале средба со надлежните во образованието.

Коментари

коментар(и)