(ВИДЕО) Започнува реконструкцијата на училиштето „Христијан Карпош“

Започнува реконструкцијата на општинското основно училиште „Христијан Карпош“ во населбата „Перо Чичо“. Денеска во училиштето беше потпишан договорот меѓу Министерството за образование и наука, фирмите изведувачи и Општина Куманово за отпочнување на активностите согласно добиениот проект од министерството. Според директорката Лидија Костиќ, ќе се реконструира покривот на училишниот објект, подовите, а ќе бидат заменети и дотраените прозорци и санитарни јазли. Градежните активности во внатрешниот дел на училиштето ќе започнат наредната надела.

-Училиштето со аплицирање започна во декември до МОН преку проектот „Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали и реконструкција на средни и основни училишта во РСМ“. Сето ова беше поддржано од општината, успеавме да ги добиеме апликациите и добивме буџет во вредност од 8.877.010 денари средства од МОН и општината со цел реконструкција на кровот на училиштето, санитарните јазли во крилото на одделенска настава, подовите во сите училници и замена на сите дотраени дрвени и алуминиумски прозорци што ги имаме во проблематичните училници, изјави Лидија Костиќ, директор на ООУ „Христијан Карпош“

Освен покривот и дел од внатрешноста на училиштето ќе биде поставена и термоизолациона фасада со проектот за реконструкција на фасада добиен преку истата програма, информира  директорката Костиќ. Проценките се дека замената на фасадата ќе отпочне по завршувањето на градежните активности, најверојатно доцна во есента со што училиштето „Христијан Карпош“  целосно ќе биде реконструирано.

-Денеска дискутиравме и околу динамиката на градежните работи во училиштето затоа и сега почнуваме, да се искористат овие два ипол месеци за сите градежни работи кога учениците не се на училиште. Сметаме дека поголемиот дел на работите ќе бидат завршени и доколку се случи, ако отпочнеме со физичко присуство во септември, мораме да имаме алтернативно решение она што најмногу доцни во реконструкција се санитарните јазли, а план Б е – имаме друго крило со санитарни јазли каде што можат да одат учениците. Другите работи веќе започнаа, гледате поставени се скелиња околу училиштето, кровот веќе почнува да се работи, од понеденик тргнуваат градежните работи и внатре, значи санација на санитарните јазли, замена на прозорци и подови во сите училници, изјави Костиќ.

Основното училиште ,,Христијан Карпош’’ е основано во 1959 година со Одлука на Собрание.

На почетокот училиштето било лоцирано во централното градско подрачје, а од учебната 1976/77 година е дислоцирано во приградската населба „Перо Чичо“, во чиј состав е приклучено и училиштето во селото Тромеѓа (кое функционира од 1929 год.). Од учебната 1995/96 во состав на „Христијан Карпош“  приклучено е и новоотвореното училиште во населбата „Иго Тричковиќ“.

Коментари

коментар(и)