Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Оливер Илиевски преку прес конференција се заблагодари за поддршката која што ја доби од граѓаните на локалните избори. Тој искажа благодарност за мирниот изборен ден. Укажа дека стои на располагање на сите институции, граѓани и неговата партија, СДСМ.
-Сакам да им се заблагодарам посебно на 19.500 граѓани на Куманово, кои ја препознаа програмата Најдоброто за Куманово и кои ја поддржаа истата. Се надеваме дека најголем дел од таа програма ќе биде остварена во идниот период и најголем дел од проектите ќе бидат прифатени од локалната самоуправа, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните. Сакам да им се заблагодарам посебно на тимот кој учествуваше во подготовка на таа програма. На тимот кој работеше со мене и со нас на овие избори и на сите членови и симпатизери на СДСМ кои несебично и до крај чесно ја извојувавме оваа битка и чесно работевме во оваа кампања до самиот крај-истакна Оливер Илиевски.
Илиевски посочи дека во партиските простории продолжува потпишувањето на членови и симпатизери за поддршката на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, иако тој лично му посочил дека оставката е конечна.
