Христијанските верници вчера го одбележаа празникот Воведение на Пресвета Богородица во Карпински манастир. Здружението „Карпино“ по втор пат е организатор на прославата и велат дека целта е настанот да прерасне во традиција, а годинава за прв пат беше избран и кум за наредната година, Бобан Цветановски од Стрновац.
„Традицијата ќе продолжи – Карпино ќе живее“, велат од здружението и црковниот одбор, нагласувајќи дека соработката со институциите, здруженијата и локалното население е на исклучително високо ниво.
– По повод празникот, манастирот го посети и градоначалникот на Општина Старо Нагоричане, Мирослав Славковски.
Од ,,Карпино” велат дека Славковски ветил соработка за развој и унапредување на комплексот.
„Се надеваме дека сите институции поврзани со овој прекрасен манастирски комплекс ќе нè поддржат и ќе ни се приклучат во напорите за негова заштита и обнова. Благодариме на сите што досега несебично помогнаа во секој наш чекор. Само заедно можеме повеќе“, кажаа Дејан Спасовски и Трајче Димитриевски од здружението и црковниот одбор на манастирот Карпино.
Тие ги повикаа сите граѓани да се приклучат на иницијативата за заштита на манастирот.
Црквата Света Богородица e споменик на културата од поствизантискиот период. Првиот слој фрески датира од 1592 година, а во 1893 година покриени се со нов слој фрескоживопис. Конаците потекнуваат од XIX век. Во минатото, во манастирот имало до 300 монаси. Таму се развила препишувачка школа и во тој период манастирот бил духовно, црковно и културно јадро. Со него се гордеат жителите од селото, како и од соседните села.
