(ВИДЕО) Наградени ученици од „Браќа Миладиновци“ на натпревари по француски јазик

На неколку ученици од основното училиште „Браќа Миладиновци“ денеска им беа доделени дипломи и пофалници за освоени награди и учество на регионални, државни, но и меѓународни натпревари по француски јазик. Годинава, станува збор за наградени ученици од шесто, осмо и деветто одделение кои што покажале одлични резултати на натпреварувањата под менторство на професорката по француски јазик, Зорица Пирганоска, која посочува дека наградите говорат за тоа колку учениците сакаат да го изучуваат францускиот и покрај онлајн наставата заради пандемијата.

-Во шесто одделение освоивме најмногу награди. Прва награда освои Ана Талевска, трета награда – Теодора Алексовска, пофалница освои Тамара Крстевска. На натпреварот се правеше презентација со интересна тема, „Моето секојдневие со ковид-19“. Во осмо одделение беше пишување на состав исто така на интересна тема. Тука освоивме второ место на регионален натпревар, пофалница на државен, Тамара Јосевска освои второ место, освоија високи места учениците и деветто одделение има, Ана Бојковска која учествуваше на Олимпијади, тоа е целокупно знаење од материјалот граматика, конверзација и таа освои пофалници и на двата натпревари на регионалниот и на државниот натпревар. Исто така, има и една награда која е посебно важна и за училиштето и за мене а и за оној кој што ја доби, тоа е Исидора Божиновска, која освои на меѓународен натпревар петто место, доби бронзен медал и диплома, тука имаше учесници од држави од целиот свет.  Многу сум задоволна од резултати оваа година, иако работиме онлајн сепак успеаја учениците да добијат квалитетни знаења, изјави Зорица Пирганоска, професор по француски јазик во ООУ „Браќа Миладиновци“

Освен на многубројните награди, професорката Пирганоска е горда и на проектот за интеркултурна размена на ученици и соработката со училиште во францускиот град Бернавил. На нејзина иницијатива, а со поддршка на колешката Емилија Николовска, проектот е во траење од седум години.

-Моја долгогодишна желба беше да донесам еден многу важен проект , нашите ученици да излезат од училишните клупи и навистина да успеат да видат она што го учиме овде во училиштето да го видат на лице место. Тоа и го направив со помош на проектот со едно училиште во Франција од градот Бернавил и така секоја година, една година одиме ние, другата година доаѓаат тие овде, се престојува во семејства  и навистина е прекрасно, тие се запознаваат со животот, традицијата, културата,  кујната со тоа што учат тие деца, како учат, изјави Пирганоска.

-Проектот трае седум години, градоначалникот на Бернавил по пет години од проектот ми даде признание како почесен граѓанин на нивниот град, значи со мојот тим секогаш сум добредојдена во нивниот град, изјави Пирганоска.

Проектот кој, благодарение на Пирганоска и основното училиште „ Браќа Миладиновци “ започнал да се имплементира во 2015-та година, на ниво на основните училишта е единствен што постои од ваков вид.

Коментари

коментар(и)