(ВИДЕО) Намален бројот на хоспитализирани од ковид 19 во Куманово

Намален е бројот на хоспитализирани пациенти позитивни на ковид 19 во кумановската болница, информираат надлежните. Во модуларната болница хоспитализирани се 15 пациенти, а на инфективниот оддел седум. Директорката на Општата болница во Куманово, д-р Снежана Захариева истакна дека бројот на прегледи кој изминатиов период се движеше и до 120 на дневно ниво, е намален на 40-ина пациенти. Размислуваат и да се затвори модуларната болница.

-Лежечките пациенти во модуларната се пациенти кои што имаат повеќе интернистички заболувања, повозрасни пациенти, со мозочни удари, дијабет, кардиоваскуларни коморбидитети така што лечењето е долготрајно и комплексно. Очекуваме во тек на оваа недела бројот барем да се преполови, а можеби и ќе дојде до затворање на модуларната болница, затоа што дел од нив ќе заминат дома, дел од нив ќе продолжат со своето лекување на некој од останатите оддели во кумановската болница-истакна д-р Снежана Захариева, директорка Општа болница Куманово.

Во последниов бран хоспитализирани биле повозрасни граѓани, со придружни болести. Мал е бројот на помлади кои завршиле на болничко лекување. Но, имало и деца позитивни на вирусот.

-Од доенчиња на возраст од 3 месеци, имавме и предшколски, деца на школска возраст. Ретко кое разви некоја клиничка слика, заради која беше потребна хоспитализација. Истите беа упатувани во Институтот за белодробно заболување кај децата во Скопје – Козле, а останатите беа овде третирани на контроли и домашно лекување, со поблага клиничка слика-дополни Захариева.

Лекарите и понатаму препорачуваат граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита, и веднаш штом ќе пројават симптоми, доколку не сакаат да се тестираат, да се изолираат.

Треба малку повеќе фер да бидат и оние кои пројавиле симптоми, а не сакаат да се тестираат. Едноставно треба да се изолираат да не се мешаат со останатите. За другите мерки не би зборувала затоа што веќе трета година едно исто зборуваме придржување до мерките сепак многу време помина омикрон за среќа беше со поблаги симптоми иако бројките беа големи но сепак ќе речам дека не треба  да заборавиме дека вирусот се уште постои. Постои, веројатно уште ќе се одржува но да се надеваме дека ќе биде со поблага клиничка слика-дополни таа.

Во Куманово изминативе два месеца позитивни на вирусот биле 2.800 граѓани. Во моментов активни на вирусот се над 130 лица.

 

 

Коментари

коментар(и)