ВИДЕО: Наставниците на штрајк, децата дома

Основните и средни училишта од Куманово се приклучија на генералниот штрајк кој го организира Синдикатот за образование, наука и култура. Бараат повисоки плати. Наставниците се на работа, но седат во посебна просторија, и не држат настава. Од Секторот за образование при Општина Куманово информираат дека директорите потврдиле дека тече штрајкот, и вработените се на работните места.

-Не информираа дека помал број ученици се дојдени во прва смена и истите се згрижени од страна на директорите, но не се изведува редовна настава поради бројот на наставниците кои се вклучени односно цели колективи кои го подржуваат овој штрајк. Како општина би сакал да упатам апел и до СОНК и Министерството за образование и наука да најдат заедничко решение што поскоро, да најдат компромисно решение во интерес на сите засегнати страни-истакна раководителот на Секторот за образование во Куманово, Александар Јовановиќ.

Екипата на телевизија Плус го посети средното економско училиште Перо Наков. И во оваа установа како и во останатите на ниво на општината непречено тече штрајкот. Директорката на училиштето потврди дека штрајкуваат сите вработени.

-Како и во сите други училишта денеска и во нашето училиште се штрајкува од сите наставници. Поддршка на штрајкот 100 процентно дадоа сите наставници. Тие се на своите работни места, во посебна просторија, во времето определено од страна на синдикатот даваат поддршка на штрајкот-нагласи Мила Жибак, директор на средно училиште „Перо Наков“ Куманово.

Кумановци кои што ги прашавме даваат поддршка на наставникот кадар. Велат во време на ваква криза треба да се покачат сите плати.

Претставниците на синдикатите од училиштата посочувааат дека ќе ги следат насоките на СОНК, односно ќе штрајкуваат се до исполнување на барањата за зголемување на платите.

Во основните и средни училишта во Куманово се образуваат 14.500 ученици, а работат 1700 лица.

Коментари

коментар(и)