„Место каде што работам нешто значајно“, „место каде што се чувствувам среќен и исполнет, „ место каде што научив како да се грижам за себе“. Ова претставува „Порака наша“ за своите корисници кои што денеска заедно со едукаторите, родителите и останатите гости го одбележуваат 16-тиот роденден на дневниот центар кој е дел од здружението Регионален центар за лица со интелектуална попреченост. Дневниот центар изминатите години функционира како социјално сервисна служба во местото на живеење за дневно згрижување, социјализација,едукација, работно оспособување и рехабилитација на лица со умерена и тешка интелектуална попреченост над 18 години. Главна цел на дневниот центар е оспособување на корисниците за самостоен живот преку развој на нови и усовршување и унапредување на постоечките вештини за самостојно живеење.
– Она што за нас е важно е дека сега сме во период во кој пред нас стојат големи предизвици, но и многу надминати предизвици зад нас, убави спомени зад нас и на овој ден ќе се трудиме да се потсетиме на сите тие активности кои што сме ги поминале и ќе зборуваме за она што не чека во следниот период. Денеска денот го одбележуваме затоа што 16 години постоење на ваков центар во ваква форма на социјална сервисна служба во нашата општина е единствен ваков тип. За нас е важно што се одржува 16 години и работиме на тоа да се одржува и понатаму во следниот период, во следните години. Одбележуваме традиционално со торта, со родители, со корисници, со гости кои што не посетуваат. Она што е важно за овој ден е дека денеска сите се обидуваме да повториме што е дневен центар, зошто за нас е важен, зошто е важен за самите корисници и зошто е важно една општина да има и да продолжи кај нас да функционира ваков тип на сервисна служба, изјави Мартина Костовска, психолог во „Порака наша“

Она што е најбитно во претстојниот период е да се обезбеди одржливост на дневниот центар бидејќи корисниците тука се среќни, задоволни, еднакви, прифатени. Ова е пораката од родителите кои што денеска заедно со своите деца го прославија роденденот на „Порака наша“.
-Престојот во дневниот центар е многу позитивен за нашите деца, излегуваат неколку часа од дома да се дружат со своите другарчиња во центарот, да бидат активни, инаку цел ден би биле дома со своите родители. Ние како родители сме задоволни од она што се реализира во центарот, но побитно е што самите корисници се многу задоволни од реализираните активности со своите ментори и многу е битно центарот да продолжи да работи бидејќи и нашите деца имаат право некаде да одат, да бидат здружени, заедно во сервисен центар, изјави Тереза Видановиќ, родител
-Пораката е да продолжат корисниците да се дружат и дневниот центар да продолжи да работи како досега и кој може да помогне на центарот, а со тоа и на корисниците. Многу е корисно што го посетуваат дневниот центар, се дружат меѓусебе и сите се исти, еднакви. Дома би седеле само со нас повозрасните. Децата се задоволни од престојот тука, сакаат да доаѓаат и убаво би било дневниот центар да продолжи да работи многу години, а ние родителите мора да им ја пружиме можност да бидат дел од „Порака наша“, изјави Десанка Алексиќ, родител

„Порака наша“ во претстојниот период ќе се соочи со уште еден предизвик, лиценирање на социјалната услуга со Решение за вршење работи од социјална заштита издадено од МТСП.
Насекаде низ светот лиценцирањето на давателите на социјални услуги води до развој на социјалните услуги во заедницата согласно потребите на различни категории граѓани и постепено воспоставување подобар квалитет на социјални услуги. Лиценцирањето ги поставува нормативите, стандардите, правата и одговорностите на давателите на социјалните услуги што треба да ги исполнат за да се лиценцираат како вршители на дејност од социјална заштита и да ја даваат социјалната услуга.

-16 успешна работа на „Порака наша“, 16 години вложен труд и совладани голем број на предизвици. „Порака наша“ исправена е сега уште пред еден предизвик, а тоа е лиценцирање на социјалната услуга дневен центар. Напорно работиме, подготвуваме документи, како што можете да видите дека и самиот дневен центар е адаптиран и не е повеќе во онаа форма која што сите вие ја знаете. Откако ќе бидеме лиценцирани се надеваме дека ќе го зголемиме квалитетот на услугите во локалната заедница и ќе биде прилагодена на услугата за секој корисник индивидуално, изјави Фросина Симоновска, дефектолог во „Порака наша“

Согласно Законот за социјална заштита вршители на дејност во социјалната заштита, како лиценцирани даватели на социјални услуги, можат да бидат здруженија, домашни и странски правни лица и физички лица.
Од „Порака наша“ се надеваат дека успешно ќе се справат и со овој предизвик и 17-от роденден на дневниот центар ќе го прослават како лиценцирани даватели на социјални услуги во Општина Куманово.
