(ВИДЕО) По втор пат протест на матичните лекари во Куманово

Матичните лекари од Куманово повторно испратија порака до надлежните дека остануваат на своите барања. Втор пат речиси сите матични лекари од оваа општина се приклучија на предупредувачкиот штрајк. Прегледуваат само итни пациенти, а не го користат „Мој термин“. Бараат зголемување на капитацијата, нагласувајќи дека не е издржливо да се работи во услови на криза и зголемени цени.

-Пред две недели имавме протест да се задоволат нашите барања бидејќи досега немавме контакт со работните групи повторно денеска одлучивме да протестираме и да не работиме според Мој термин. Ги примаме само итните случаи, а другите за жал ги враќаме, што не е популарно за нас така да правиме меѓутоа сме принудени. Нашите барања се владата финасиски да ни помогне да ни го качи бодот, целото здравство да функционира електронски, да нема веќе упати, рецепти, картони на тој начин и режимот на лекови да се поправи за да не мораме еден пациент за еден лек да го праќаме на секундарно и терцијарно здравство, да можеме директно да го пишуваме, бидејќи сметаме дека сме обучени за такво нешто-вели координаторот на матичните лекари од Куманово, д-р Фатмир Асани.

Координаторот на матичните лекари од Куманово укажа дека во лоша состојба се 14 ординации и постои опасност наскоро да се затворат, доколку власта не го слушне нивното барање за финансиска помош.

-Утринава имаше пациенти меѓутоа ги враќаме не дадовме ниту еден упат, не го отворивме Мој термин, и целиот ден денеска е така, ќе разговаравме ќе примаме, ќе даваме совет но не даваме упати и не се користи Мој термин. Поради нискиот број пациенти ќе биде уште полошо за нас, бидејќи и сите млади ја напуштаат државата поради подобра егзистенција, тие веќе не се наши пациенти, власта не сака да го покачи бодот, ние не бараме кој знае какво покачување барем минимално за да може да се плаќаат вработените-дополни Асани.

Доколку и по денешниот протест нема одговор од надлежните, матичните лекари планираат и во иднина да продолжат со барањата. Инаку на ниво на Куманово  функционираат над 100 ординации.

Коментари

коментар(и)