Во салата на МКЦ Козјак утревечер со почеток во 19 и 30 часот ќе се одржи промоција на видео запис од Вториот меѓународен фолклорен фестивал, кој го организираше КУД „Панче Пешев“. Промоцијата е по повод 11-ти ноември, Денот на ослободување на Куманово, а под покровителство на градоначалникот и Советот на општина Куманово и Министерството за култура. И во време на пандемија друштвото организираше фестивал на кој настапија девет ансамбли, од кои по еден од Србија, Бугарија, Хрватска и Црна Гора и пет ансамбли од земјава.
-Ние успеавме да го организираме еден од најмасовните фестивали, со најмногу учесници е фестивалот во Куманово, вториот фестивал која навистина на градот и во ова време му требаше, народот да го развесели, да му даде надеж дека треба да живееме, ковид ќе помине ние мора да работиме, културата е нешто што дава мотив за живот, се она што го имаме и го чувствуваме во себе за нашиот македонски фолклор, културната традиција. Се она што беше на самиот фестивал, што се случуваше на самото доаѓање, претставување на фестивалот, отворање, приемот кај градоначалникот на учесниците, потоа дефилето низ градот, исто така и залевање на дрвото што го засадивме на првиот фестивал сето тоа го организиравме и тоа е една кратка ретроспектива на самото видување на овој фестивал која планираме утревечер да поканиме наши граѓани да видат што се случуваше-истакна Мирослав Крстевски, уметнички директор КУД „Панче Пешев“.
Од КУД Панче Пешев информираа дека веќе е подготвена и програмата за третиот фестивал. Најавени се учесници од Мексико, Колумбија, Грузија, Бугарија, Србија и земјава.
-Мотивот ќе биде многу поголем, најдовме точно место каде да го организирме, направивме сцена пред влезот на центарот за култура, а заедно со фондацијата за култура а се надевам и на поголема финансиска помош од Министерството бидејќи оваа година изостана таа помош, освен што ни даде поддршка градоначалникот и локалната самоуправа. Посебно се заблагодарувам на самите помагатели спонзори-нагласи тој.
Промоцијата во МКЦ ќе се одржи согласно протоколите за заштита од Ковид 19.
