Кумановци кои работеле за странски компании во Ирак и Авганистан денеска протестираа пред зградата на Општина Куманово незадоволни поради тоа што не беше прифатено нивното барање за проблемот со кој се соочуваат да биде ставено како точка на дневен ред на седницата што се одржа минатиот четврток. Петнаесетина минути по отпочнувањето на протестот во 14 часот, градоначалникот Максим Димитриевски излезе пред општината и повика тројца нивни претставници на состанок. Претходно им кажа дека Советот може да даде само препораки и предлози, но не може да задолжи повисок државен орган да постапи по барањата.
– Јас можам да повикам координација на Совет, да ги викнам сите советници без да се прави, бидејќи суштината ваша е, дали сакате да го решите проблемот стварно или да бидете предмет на инструмент на политиката преку кој ќе се политизира преку вас. Ако сакате да ве инструментализираат одредени политички партии правете како мислите, ако сакате да се бара решение тогаш треба да се отвори дискусија на Совет, но тој по закон може да даде препорака и предлози, не може да задолжи повисок државен орган, рече Димитриевски.
Кумановци уште еднаш повторија дека не се политички иницирани, туку единствено бараат правно решение на нивниот проблем.
– Ние никогаш не сме кажале дека сме политички поврзани. Ги поддржуваме сите што сакаат да ни помогнат, без разлика од која партија или националност се, кажа Зоран Наковски од иницијативниот одбор.
– Ние сме граѓани на Куманово. Ние имаме инвестирано во Куманово. Со нашите семејства и колеги сме донеле милиони и милиони долари од данокот што сме го плаќале и овој данок сега што треба да го платиме 4,8 отсто оди за општината и не разбирам зошто ја отфрлија таа точка за да нема материјална расправа, рече Жикица Миланов, учесник на протестот.