Во Занаетчискиот дом денеска се одржа првиот Регионален саем на социјални претпријатија од Североисточниот регион. На саемот, во организација на проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ и Регионалниот центар за поддршка на социјални претпријатија од Куманово, своите производи и услуги ги презентираа 20-тина социјални претпријатија и граѓански организации кои се занимаваат со економска активност.
Тим лидерот на проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“, и претседател на Фондацијата Барка од Полска, Барбара Садовска истакна дека е посебно задоволена што во регионот постојат иницијативи за социјални претпријатија кои што имаат силна социјална мисија и ги промовираат нивните високо-квалитетни услуги и производи, истовремено обезбедувајќи одржливо решение за ранливите категории граѓани.
-Првиот елемент на кој што работиме тука напорно е легислативата, да се подготви законот за социјални претпријатија и да се утврдат критериумите за да се види кои сите организации, претпријатија и поединци, можат да ги исполнуваат критериумите за основање на социјално претпријатие. Колкав треба да биде почетниот капитал, каква треба да биде видот на помошта, и што се треба да направат за да можат да основаат социјално претпртијатие. Вториот елемент што е уште покруцијален да се дефинираат финансиските инструменти кои ќе може да бидат достапни за социјалните претпријатија, мислам на грантови но не само на нив, комбинации од грантови и заеми а понатаму и подолгорочни заеми, за да може социјалните претпријатија да направат една конструкција, да купат машини, алати, да можат да го почнат производството и давањето на услугите за кои се основани-нагласи таа.
Претставувајќи неколку искуства, Садовска истакна „Социјалното претприемништво и добрите практики во Полска и во многу други земји покажаа дека овој модел е многу корисен и ефикасен во социјалната реинтеграција и вработување на ранливите групи граѓани.
–Третиот исклучително важен елемент е создавање структура за поддршка на социјалните претпријатија. За таа цел ние формиравме национален центар за поддршка на социјалните претпријатија, со седиште во Скопје, меѓутоа имаме и осум регионални центри, за поддршка на социјалните центри од кои еден се наоѓа во Куманово. Која е целта на овие регионални центри. Да се поврзат социјалните претпријатија со претприемачите, бизнисите, да се дефинираат ранливите групи кои може да се ингерираат во социјалните претпријатија, да им се помогне со менаџмет, управување, создавање на бизнис план, да застанат на нозе. Промоцијата, видливоста, маркетингот, подобрата промоција и пласман на овие производи изготвени од социјалните претпријатија. Имаме создадено и наш бренд, ознака произведено од социјални претпријатија и со самото тоа значи дека вие придонесувате кон каузата за одржување на животната средина, помагање на социјалната стабилност-дополни Садовска.
Проектот „Поддршка на социјално претприемништво“, поддржан од Европската Унија, има важна улога во спроведувањето на концептот на социјалното претприемништво како алатка за социјална инклузија и одржлив локален развој во земјава..Проектот го спроведува Ептиса, во конзорциум со Барка и Екорис, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.
Саемот е дел од серијата промотивни настани за социјалните претпријатија кои ќе се одржат во сите региони низ земјава.