ВИДЕО: Се полнат капацитетите во болницата во Куманово, здравствените лица со апел да се почитуваат мерките

Нагло расте бројот на хоспитализирани во кумановската болница. Капацитетите речиси се исполнети. Во болницата се лекуваат над 50 пациенти. Повеќето од хоспитализираните се жени над 40 години. Тие не биле вакцинирани и се на кислородна поддршка. Доколку целосно се исполнат капацитетите, надлежните ќе го следат примерот на останатите градови, и ќе пренаменат дополнителни оддели.

Ако пред една недела кажувавме дека имаме хоспитализирани пациенти, но нема проблем со слободни места, не е голем напливот, ќе кажам дека состојбата нагло се смени. Од почетокот на викендот почна нагло зголемување на бројот на пациенти и се се тоа пациенти со средно тешка и тешка клиничка слика кои се со хоспитализации. Во моментот на инфективното одделение имаме 21 пациент, а во модуларната 30 пациенти плус 20 кои се во дневна болница. Од овие 51 пациент, 42 се на кислородна поддршка. Повеќето од хоспитализираните се жени меѓу 40 и 70 години. Има и мажи но повеќе се жени. Повеќето се невакцинирани од оваа вкупна бројка имаме 5-6 кои се вакцинирани и тие се со за нијанса поблага клиничка слика, не се на кислородна поддршка-информира директорката на Општа болница Куманово, Снежана Захариева.

Од кумановската болница информираат дека меѓу заболените има и цели семејства. Поради актуелната состојба надлежните повикале од годишен одмор дел од здравствените работници, но и останатиот персонал.

-Она што беше пуштено слободно движење, групирање на крајот доведе до тоа луѓето да не ги почитуваат и оние елементарни мерки, да се групираат, да не седат во изолација, имаме и такви примери па така болеста се шири. Ако ние вложуваме надчовечки напори да спасиме еден живот, и да бидеме на располагање, ги прекративме и годишните одмори, повикав и медицински и немедицински персонал, затоа што сите се потребни, лекари, сестри, болничари, хигиеничари се е потребно за да ги згрижиме луѓето, сепак треба и самите граѓани да бидат малку солидарни да водат грижа не само за своето туку и за колективното здравје, за здравје на другите-дополнува таа.

Од болницата која ги опслужува граѓаните од североистокот, апелираат да се внимава на мерките, бидејќи ќе се предизвика проблем во функционирањето на целокупниот здравствен систем.

Ние не можеме да обрнеме внимание само на ковид пациентите мора ги згрижиме и оние што се болни од малигни болести, интернистичка патологија, сообраќајки постојано имаме цело лето, повреди, раѓања, згрижувања на деца, на сите треба да им посветиме внимание а за тоа е потребен и персонал и дополнителни средства за набавка на лекови. Имавме огромен трошок за време на пандемијата ние и официјално побаравме помош од Фондот за здравство затоа што ова дополнително го оптерети нашиот буџет кој навистина не беше предвиден за толку голема потрошувачка на кислород, лекарства, но огромниот наплив на пациенти си го направи своето-нагласува таа.

Бројката на активни случаи во Куманово во моментов изнесува 422.

Коментари

коментар(и)