Домот за стари лица „Зафир Сајто“ доби целосна поддршка од Советот на Општина Куманово за дополнителни вработувања, но за колку од предвидените 27 со Годишниот план за вработување во 2027 година ќе бидат обезбедени средства зависи од министерството за финансии, кое го има последниот збор.
Според директорот Александар Крстевски, приоритет за установата е обезбедување пред сè на негуватели, медицински сестри и административен кадар, поради, како што вели, поквалитетна грижа за корисниците и непречено функционирање на домот. Инаку, според систематизацијата, „Зафир Сајто“ треба да има осумдесет вработени, а моментално располага со само 33, од кои седум се ангажирани преку Агенцијата за привремени вработувања.