Сплотеност и обединување, враќање на државата на вистинската патека и ослободување од какошто велат корумпираните, се пораките коишто ги испратија претставниците на ВМРО-ДПМНЕ од свечената академија со која се одбележаа 32 години од формирањето на Општинскиот комитет во Куманово.
Пред кумановци, односно членови, активисти, ветерани и млади, како и коалициски партнери се обрати лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, кој упати апели за обединување, потсети на постулатите на партијата. Тој нагласи дека се движат на патот кон успехот и победите. Најави враќање на достоинството и гордоста на народот и државата. Рече дека е доста од понижувања од различни договори, дека народот и во 21 век е жртва на негирање, обиди да се избрише се што е македонско.

-Тие се обидуваат од поразени да се претстават во администратори. Од фашисти коишто ја окупираа Македонија да се претстават во ослободители. Се додека е ВМРО и ВМРО ДПМНЕ жива, тоа нема да им успее. Македонија била и ќе биде. Македонскиот народ постоел и ќе постои. Македонскиот идентитет е нашата црвена линија и од тоа нема ниту милиметар да се поместиме. Нема да дозволиме ниту Самоил, Делчев, Питу Гули, Даме Груев, браќата Миладиновци да ни ги земат, тие се дел од нашата држава-истакна Мицкоски најавувајќи убедлива победа на наредните парламентари избори и бројни проекти.

Пред присутните зборуваше и претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Николовски кој нагласи дека кумановското ВМРО е живо. Изрази благодарност до ветераните кои во 1990-та година го направиле вистинскиот избор, и застанале зад идејата за формирање на организацијата, која ќе ги брани пред се националните интерес. Рече дека партијата има иднина, бидејќи има силна младина, форумот на жени, а успешно соработува и со патриотскиот институт.
-Оваа маса на луѓе, оваа масовност е одлика на единство, сплотеност. На тоа дека созреваме како општински комитет, ја гледаме и разбираме големата слика. Затоа сме сега тука сите заедно, рамо до рамо различни генерации, структури, да се обединиме како еден, затоа што само тоа е лекот за зачувување на идејата на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија. Како општински комитет ќе дадеме се од себе да се вратиме на старите побединички патеки, да ја побараме поддршката, да се окрупниме повторно, да се обединиме до последен, да победуваме во Куманово, да се позиционираме како ОК на место на кое навистина припаѓаме, меѓу најдобрите-нагласи тој.

Николовски посочи дека кумановското ВМРО има енергија, искуство и знаење да придонесе за нови победи.
