ВИДЕО: Трае уписот на ученици во основното музичко училиште „Панче Пешев“ во Куманово

Училиштето за основно музичко образование „Панче Пешев“ Куманово врши упис на ученици за учебната 2022/2023 година. Иако веќе започна да се изведува наставата, уписот ќе трае до крајот на септември, информираат надлежните од установата. Запишувањето на учениците се одвива од шестгодишна возраст. Тие првин изучуваат теорија на музика, а веќе од идната година избираат инструмент.

-Инструменти на кои можат да се запишат поголеми ученици директно на инструменти и теорија на музика се пијано, хармоника, виолина, гитара, кларинет, саксофон, соло пеење, и од оваа година новитет во нашето училиште се ударните инструменти. Нешто што е ново, интересно за децата, бидејќи заради интересот на децата и го отворивме тој оддел.  Навистина има интерес за сите инструменти, но не е проблем нашето училиште е големо и сме во можност да ги примиме сите деца коишто се заинтересирани да учат музика, бидејќи знаеме музиката какво значење има за секој нас, а особено на децата од најрана возраст, да дојдат ние сме тука и ги чекаме сите ученици-вели Сандра Зојчевска, директор на основно музичко училиште „Панче Пешев“.

Училиштето располага со стучен кадар, од 17 професори, од кои петмина со магистерско звање.

-Документите за запишување се извод од матична книга на родени, пополнуваат пријава, добиваат уплатница, со симболична цена од 2500 денари за целата учебна година.  Неопходна е желба и љубов кон музиката и изучување на инстрментите. Тоа ни е главниот документ при запишувањето-дополни Зојчевска.

Нижото музичко училиште во Куманово е едно од најстарите во земјава, отворено во далечната 1946 година.

-Ние се гордееме на нашево старо училиште и на патронот наш, кој воедно ми е директен дедо, негов потомец сум и сум многу емотивно врзана за училиштето и се обидуваме заедно со колегите да го подигнеме на уште едно повисоко ниво од она на кое што е моментално-дополни Зојчевска.

Зојчевска на функцијата директор на основното музичко училиште „Панче Пешев“ во Куманово стапи во јуни. Во наредниот период најавува бројни активности.

Коментари

коментар(и)