Движењето ЗНАМ – За наша Македонија вчеравечер на градскиот плоштад одржа конвенција на која ги промовираше кандидатот за градоначалник, Максим Димитриевски и листата со 31 кандидат за членови на Советот на Општина Куманово. Лидерот на ЗНАМ најави убедлива победа уште на 19 октомври, во првиот круг на локалните избори.
„Мириса на победа, и тоа убедлива победа уште во првиот круг. Видлива е енергијата што ја имаме, енергија која нè влече напред. Програмата на ЗНАМ предвидува стотици проекти во сите области, кои ќе донесат уште подобар живот во Куманово, и ќе го направат регионален економски центар и најсредена општина во Македонија“, истакна Димитриевски.
Димитриевски довербата од граѓаните за третиот градоначалнички мандат ќе ja бара со десет клучни проекти. Станува збор за проектите: продолжување на мерката субвенциониран бесплатен јавен превоз за сите граѓани на сите линии, изградба на три нови детски градинки, изградба на административно-деловен комплекс на локалитетот Чоробенско ќоше, со подземна катн агаража и нов урбан сквер поврзан со градскиот плоштад, реконструкција и доопремување на објектите на централните и на подрачните училишта, технолошки и интрекултурен центар во целосно реконструиран Дом на пионери, со посебен дел за целодневен престој на деца, целосна реконструкција на булеварите и главните сообраќајни артерии во централното градско подрачје, изградба на нови три кружни текови, расчистување на тротоарите и обезбедување повеќе простор за паркирање со нови паркинг решенија, фазно формирање пешачки зони во центарт на градот о фазно формирање велосипшедски прстен околу централното градско подрачје и уредување на речното корито, продолжување на градскиот кеј и изградба на пет нови паркови.
Пред присутните на градскиот плоштад во Куманово се обрати и носителката на советничката листа на Движењето ЗНАМ, Ивана Ѓорѓиевска.
„Заедно со Максим Димитриевски ќе работиме на засилено учество на младите и жените во јавниот живот. Тоа го покажуваме со нашата советничка листа. Нам не нѝ требаат квоти за да ја докажеме рамноправноста, ние веќе ја живееме. Половина од нашата листа се жени. Голем дел се млади луѓе со визија, со енергија, со идеи за модерно Куманово. Млади луѓе кои мора да научат дека политиката е одговорност, а локалната политика е образ, а не привилегија“, нагласи Ѓорѓиевска.
Кандидатката за советничка, Мила Петрушевска испрати порака до младите во Куманово:
„Ветувам дека правата, потребите и интересите на младите луѓе ќе бидат достоинствено застапувани и претставени од моја страна во Советот на Општина Куманово, и како идна советничка ќе се залагам секогаш да има поддршка, простор и шанса за секој млад човек.“
Видеото по вестите во 18 часот.