Основците и средношколците утрово по тринеделен зимски одмор се вратија во училишните клупи. Распустот беше продолжен со одлука на Владата заради функционалност на училиштата и второто полугодие наместо на 18-ти јануари почна денеска.
Во Куманово во сите училишта наставата е со физичко присуство на учениците, освен во државното средно училиште „Киро Бурназ“ кое целосно се реконструира, а учениците до крајот на учебната година ќе следат онлајн настава. Во вкупно 21 училиште колку што има на територијата на општината, во основно образование има над 10.000 ученици и повеќе од 4.000 средношколци.
– Им посакувам среќен почеток на второто полугодие од учебната 2022-2023 година на сите вработени во училиштата, на сите ученици, на сите родители. Посакувам пред се, да има успешна реализација на наставниот процес, да се заврши успешно оваа учебна година. Во моментот се работи или привршува реконструкцијата на ООУ „Карпош“ во село Умин дол, поточно подрачно училиште во село Љубодраг, штом ќе бидат поставени основните услови за да можат учениците да се вратат во централното училиште во најкус можен рок ќе бидат известени родителите и истите ќе бидат вратени во реконструираното училиште. За реконструкција на „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“ тендерската постапка од страна на МОН е во тек, штом биде избран изведувач за градежните работи ќе започне и реконструкцијата на коровот, знаете дека во септември дел од учениците со одлука на Советот на општина Куманово беа префрлени во Гимназијата за да следат наставата со физичко присуство, изјави Александар Јовановски, раководител на Сектор за образование во општина Куманово
И директорите на училиштата им посакаа топло добредојде на учениците и на наставниците во второто полугодие, кое започна без проблеми и со незначителен број на ученици кои што поради здравствени причини денеска отсуствуваа од наставата.
-Утрово беше многу убаво да се чуе после еден месец скоро отсуство од ученичкиот џагор, утрово беше полно училиштето со ученици радосни, одморени, второто полугодие го започнавме без никакви проблеми, сите ученици се тука на часови и продолжуваме со физичко присуство. Дислоцираните паралелки што се во Гимназијата остануваат таму бидејќи се уште немаме никаква повратна информација околу реконструкција на кровот. Имаме мало отсуство во нижите одделенија, тоа се учениците од прво до петто одделение кои што се оправдано отсутни поради вирозите, меѓутоа тоа е незначителна бројка и се надевам дека брзо ќе оздрават и ќе се вратат во нивните училишни клупи. Второто полугодие е еден интересен период за учениците бидејќи веќе започнуваме со училишните натпревари по математика и по природни науки и се надевам дека ќе имаат убави резултати. Им посакувам среќен почеток на сите ученици во второто полугодие, на наставниците, на родителите, изјави Јасмина Спасовска, директор на ООУ „Браќа Миладиновци“

Второто полугодие беше продолжено и најверојатно и учебната година ќе заврши на 14 јуни наместо на 9 јуни (петок) затоа што, како што изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, учениците треба да ги одработат сите 180 работни наставни денови утврдени со Календарот за воспитно-образовниот процес во училиштата.
Видеото по вестите во 18 часот.