Во манастирот во Орашац се прослави Свети Илија

Во присуство на голем број православни верници вчера во манастирот Свети Илија во село Орашац се одбележа истоимениот празник. Верниците имаа можност да проследат богослужба која што ја изведе кумановско-осоговскиот митрополит Јосиф, во сослужение со свештениците од епархијата. Прославата за овој празник веќе неколку години наназад ја организираат мештаните на Орашац со поддршка на црковниот одбор и хумани граѓани.

-Празникот е обичај си доаѓаат луѓето, имаме дарови, гости наши од Италија, Швајцарија, Австралија,  се бира секоја година кум, дали некој сонил сон или слично си носи подароци, не бараме ништо, си има црковен ред кој навистина е за пофалба секој си има свој ред на работа, кујната персоналот е задолжен за тоа. Секој гостин кој сака има желба има манастирски грав годинава е посна, ручек имаме и музика, сега е Илинден кога ќе дојде некој ќе не посети му кажува на друг и станува поубаво-истакна Крсто Милошевски, црковен одбор с. Орашац.

Топлото време не ги спречи верниците од сите краишта на државата но и надвор од неа да присустуваат на одбележување.

-Годинава веќе трет пат како сум кума во манастирот Свети Илија. Ми се случи една случка во животот која навистина ми покажа дека постои таа сила што ја викаме и навистина сфатив дека Свети Илија постои и на мене ми го смени животот и јас велам овој ден е мојот втор роденден и му благодарам за тоа. Инаку овде е супер се дружиме има ручек, луѓе и така- нагласи Александра Николова, кума.

Мешатаните на Орашац со поддршка на спонзорите изградиле нова сала во црквата Свети Никола. Тие нагласија дека се во план и нови реконструкции, доградби. Инаку покрај празникот Свети Илија во ова село се одбележуваат и  Свети Јован, Ѓурѓовде, Света Недела, Света Богородица и слично.

 

 

 

 

 

Коментари

коментар(и)