Културно-уметничкото друштво „Српски вез“ кое веќе тринаесет години ја негува српската култура, традиција и идентитет во нашата држава викендов одржа традиционален годишен концерт на сцената во НУЦК „Трајко Прокопиев“. На централната прослава по повод роденденот на „Српски вез“ настапија сите седум фолклорни групи на културно-уметничкото друштво, етно-групата, пејачката група, како и дел од драмската секција, а имаше и специјални гости, пријатели и соработници на друштвото од Србија и Германија.
Во своето обраќање, градоначалникот Максим Димитриевски потенцираше дека фолклорот не е само уметност, туку и жив сведок на историјата, традицијата и идентитетот на еден народ, а по повод роденденот на „Српски вез“ говореa и Татјана Мацура, министерка без ресор во Владата на Р.Србија, задолжена за областа на родовата еднаквост, спречување на насилство врз жените и економско и политичко зајакнување на жените, Ѓорѓе Миличевиќ, министер без ресор задолжен за дијаспората во Владата на Р.Србија и Марко Младеновски, уметнички директор на КУД „Српски вез“ Куманово.
Претходната вечер во големата сала на НУЦК „Трајко Прокопиев“ се одржа концерт со заеднички настап на членовите на КУД „Српски вез“ и Националниот ансамбл „Венац“ од Грачаница.
„Националниот ансамбл „Венац“, е еден од најреномираните професионални фолклорни ансамбли во регионот. Ова е прва нивна посета на Куманово, а поводот за нивното гостување е 13-годишнината на „Српски вез“ и големиот српски празник Видовден“, вели претседателот на организацискиот одбор Далибор Китановиќ.
Организаторите информираат дека двата концерти се реализираат со поддршка на Министерството за надворешни работи на Република Србија – Управата за соработка со дијаспората и Србите во регионот, Министерството за односи меѓу заедниците на Република Северна Македонија и Општина Куманово.