Сите избирачки места се отворени навремено и граѓаните и го остваруваат своето право на глас, информираше Кристина Цветковска, претседател на Општинската изборна комисија Куманово.
Во Куманово денеска право на глас имаат 94.041 граѓани на 167 избирачки места.
Во текот на вчерашниот ден право на глас на територијата на општина Куманово имаа 166 болни и немоќни лица, а 116 осуденици во затворот во К’шање, како и 58 штитеници на Домот за стари лица „Зафир Сајто“.
Во општина Старо Нагоричане право на глас денеска имаат 3.011 лица на 38 избирачки места, информираше претседателот на ОИК Старо Нагоричане Маријан Даиловски.
Право на глас на територијата на општина Старо Нагоричане во текот на вчерашниот ден имаа 19 болни и изнемоштени лица.
Во општината Липково се гласа на 36 избирачки места, а денеска право на глас имаат 26.362 лица, додека вчера за гласање биле пријавени 404 болни и изнемоштени, информираше Ајше Демири, претседател на ОИК Липково.
