Двајца од повредените во Бугарија се враќаат во Македонија

Двајца од повредените граѓани на Македонија во сообраќајката на автопатот „Струма“ се отпуштени од софиската болница „Пирогов“. Како што јави дописникот на МИА од Софија, отпуштените пациенти се стабилни и во добра општа состојба. Се очекува тие да бидат преземени за натамошно набљудување во медицинските установи во Македонија.

Другите четворица повредени во несреќата се во добра општа состојба. Седмиот пациент, кој претходно беше опериран на Клиниката за ортопедија и трауматологија, а подоцна и на Клиниката за неврохирургија, е во стабилна состојба, непроменета од вчера.

Според најавите, уште двајца од повредените патници ќе бидат отпуштени од болницата утре, двајца на 30 ноември, а еден на 1 декември.

Несреќата се случи рано изутрината на 23 ноември на автопатот „Струма“. Загинаа 45 лица, а седуммина се повредени. Според бугарските истражители, жртвите починале од задушување откако автобусот се запалил.

(Фото: ЕПА)