Две сообраќајни несреќи за 12 часа

28 годишно момче од селото Лојане, липковско е повредено во сообраќајна несреќа што се случи утрово на улицата „Железничка“ во близина на касарната „Боро Менков“. Според информациите од Секторот за внатрешни работи до сообраќајката дошло поради непрописно свртување од главната улица кон споредна. Конкретно, возачот  на автомобил марка „голф 3“  со иницијали Љ.М. движејќи се од центарот на градот кон периферијата се обидел да сврти лево,  притоа не давајќи му предност на такси возилото што доаѓало од спротивната насока,марка „шкода октавиа“. Возачот на голфот од липковско се здобил со телесни  повреди, кој по укажаната медицинска помош е задржан на иследување во кумановската општа болница, а таксистот ,21 годишниот М.С.  не е повреден. Инаку, во летниот период речиси секојдневно се случуваат сообраќајни несреќи, често и со фатални последици. Граѓаните на Куманово без разлика дали се пешаци или возачи се загрижени за својата безбедност. Сметаат дека сообраќајните знаци воопшто не се почитуваат, а главната причина за честите сообраќајни несреќи  според кумановци е брзото возење, особено на булеварите каде што ограничената брзина на движење е 40 километри на час.

Граѓаните сведочат дека освен утринава, сообраќајна несреќа се случила и синоќа на булеварот „ Октомвриска револуција “ на крстосницата кон Проевце, во која нема повредени, но направена е материјална штета на возилата кои учествувале во неа.

Неодамна и експертите посочија дека една од причините за зголемениот број на сообраќајни несреќи во летните месеци е младешкиот дух и желбата за докажување, но често и присуството на алкохол во крвта кога ќе се седне зад волан.

Коментари

коментар(и)