Медицински екипи вршат дезинфекција на вагони

Центарот за јавно здравје викендов започна со дезинфекција на вагоните во кои се превезуваат мигрантите на железничката станица во Куманово и граничниот премин Табановце. Медицинските екипи секоја вечер дезинфицираат  три до четири вагони со вкупна површина од околу 200 метри квадратни. Здравствените тимови функционираат на повик од страна на вработените во железничкиот сообраќај.

– Со оглед на тоа што бројот на мигрантите е релативно голем се организира превоз кој се врши во најголем дел со железнички транспорт. Потоа лицата се преселуваат во друго превозно средство и заминуваат надвор од нашата земја. Тие превозни средства кои ги имаат користено во тој период додека се кај нас секојдневно се чистат и се дезинзицираат за да се подготват за повторна употреба, вели Марјан Денковски, доктор во Центарот за јавно здравје.

Превентивната здравствена установа во соработка со верските заедници и локалната самоуправа во најскоро време планира и дезинфекција на пунктовите каде во моментот се сместуваат мигрантите.

-Сигурно дека за такво нешто се размислува  и ќе се направи и таа дезинфекција за да се заштитат мигрантите но и оние кои подоцна ќе ги користат просториите од евентуална појава на заразни болести, вели Денковски.

Од Центарот за јавно здравје објаснуваат дека мигрантите неможат да одржуваат хигиена во текот на нивното патување. Поради тоа доаѓа до појава на низа заразни болести кои со дезинфекција би можеле да се елиминираат или да се сведат на минимум. За  медицинска помош на мигрантите се задолжени екипите од Здравствениот дом Куманово и секојдневно им стојат на располагање.

 

Коментари

коментар(и)