Деновиве ќе го утврдиме покачувањето на платите за децата да се вратат на настава од понеделник, велат од Владата

Претставници на Владата, предводени од премиерот Димитар Ковачевски, и претставници на СОНК во текот на викендов ќе го продолжат дијалогот и наредните денови ќе го утврдат точното зголемување на платите за наставниците, воспитувачите и негувателките, со цел од понеделник децата да продолжат со настава.

Ваква информација споделија од владината прес-служба по состанокот кој се одржа денеска.

На состанокот дополнително се разговарало и за тоа веднаш да започне сеопфатен дијалог, со активно учество на синдикатот, за трајно решавање на континуираниот раст на платите.

Премиерот Димитар Ковачевски, велат од Владата, на состанокот истакнал дека тие се отворени за дијалог за воспоставување систем за раст на платите, но којшто дијалог нема да биде условуван и предизвикуван од штрајкови.

„Систем со кој ќе се обезбеди модел за раст на платите во јавниот сектор, кој како со договорот за минималната плата, ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот“, велат од Владата.

 

Коментари

коментар(и)