Димитриевски во „СТАВ“: Не може да гради секој, кај што ќе сака

„Мора да се направи ред во урбанизмот, не може да гради секој, каде и како сака, бидејќи има строго пропишани правила, согласно законот. Не сакам Куманово да наликува на тоа што беше во минатото, да одите по троатоар и одеднаш да се сопнете на скали од станбена зграда. Такви случаи повеќе нема“, ова го истакна при гостувањето во емисијата „СТАВ“ на телевизија Плус, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Тој нагласи дека ваквата одлука и промената на правилата за градба предвизвикала и реакции кај одредени инвеститори, кои поднеле и жалба до Уставен суд.

-Она што беше затечено како барање по основ на давање на одредени дозволи, беа во постапка и моравме да ги издадеме согласно законот, но веќе нема такви случаи, се почитува правилото. Максимум градба на станбен објект колективен центар за домување 50 проценти површина од вкупната градежна парцела, со цел оснатите 50 проценти  да се остават за 20 проценти уредување, ново зеленило, паркинг простор бидејќи лично кога ќе се вратам на години кога јас бев дете, ги користевме таквите места за игра, спорт. Урбанизмот е долгорочен процес, но сакам да го вратам тој лик на градот-истакна кумановскиот градоначалник.

Што се однесува до дивоизградените објекти Димитриевски нагласи дека биле регистрирани 70-ина, кои користеле јавно прометни површини за вршење дејност. Повеќето од нив ги исполниле законските обврски, но дел морале да бидат урнати или остранети од зелена површина.

-Оние контејнери и времени објекти кои се поставени во градот, морам да кажам дека со тек на времето ќе бидат дислоцирани сите како ќе се релиазираат деталните урбанистички планови кои се планирани во делот на реконструкција на постоечката инфраструктура. Таков е случајот на ул Гоце Делчев, новата автобуска станица, која е во одлична состојба и следното што ќе биде и дислокација на објектите над градската џамија на улицата 11 ти октомври, со цел да го отвориме кракот на улицата 11 ти ноември и да го растеретиме сообраќајот на улицата 11 ти октомври. Тоа се барања кои доаѓаат од граѓаните. Јас тука не разликувам по ниту еден основ, мора да се шири градот за да се отвори, сите јавни површини да ги користат граѓаните, а не поединци да стопанисуваат со истите-истакна тој.

Кумановскиот градоначалник смета дека е постигнат ефектот со дополнителни дежурства на инспекциските служби, во поглед на спречување на дивоградбите, бидејќи таа бројка  значително е намалена. Тој апелираше до граѓаните кога ќе забележат дека никнуваат дивоизградени објекти, веднаш да пријават кај надлежните инспекциски служби.

Коментари

коментар(и)