„Сериозна држава не смее да си дозволи такви преседани“, изјави денеска претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски коментирајќи ја одлуката за одредениот куќен притвор на Артан Груби, поранешен вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, осомничен за проневера, кој повеќе од една година беше недостапен за полициско-истражните органи.
„Видете, невиден преседан во делот на она што значи одлука на независната судска власт, само ги потврдува нашите ставови и како политички субјект и моите лични ставови, во делот на нефункционалноста на тој систем. Недозволиво е да лице коешто подолг временски период е во бегство, се враќа во државата и му се изрекува мерка притвор и истото од распит завршува дома.
Сериозна држава не смее да си дозволи такви преседани, но оставам на институциите на системот да се позанимаваат со ова. Што тоа значи, значи дека и советот на јавни обвинители, но и Републичкиот судски совет ќе треба да ги разгледаат во целост овие постапки, и доколку постои евентуална субјективност или одговорност кај поединци, истите да ги санкционира. Во спротивно не се менува ништо, но како и да е, јас сум легалист. Видете, кога бев обвинет јас редовно се појавував на сите судски рочишта. Го повикав господинот Груби да го следи тој пример. За жал беше отсутен од државата повеќе од четиринаесет месеци, се врати и заврши во домашен притвор, што е недозволиво за еден сериозен систем.
Сакаме во Европа, сакаме да напредуваме, ќе мора да ги делиме и европските вредности во делот на поделба на правдата во државата.
Јас господинот Мијалков го имам коментирано во минатото многу пати. Немам намера да го коментирам повеќе бидејќи не е актуелен, но како и да е вие многу добро ги ставивте во иста група и господинот Мијалков и господинот Груби. Ако се сеќавате господинот Груби кога го промовираше Коридорот 8, од истиот тој негов проект остана само маичката којашто ја остави на лице место со бројот осум на неа и потоа тој исчезна.
Денеска го гледаме и господинот Мијалков како слободен граѓанин, но дополнително и господинот Груби којшто дојде да се соочи со правдата, но за жал мене како граѓанин ваквото однесување или ваквата постапка во делот на ставање во куќен притвор не ме задоволува. Дали така сметаат судските власти и дали тоа е исправно,ќе треба да се обратите кај нив, бидејќи сепак целата постапка ја води таа независна судско-обвинителска власт“, изјави Димитриевски.