Димитриевски со отворено писмо до Ковачевски

Отворено писмо до Претседателот на Владата

– Почитуван претседател на Владата на РС Македонија г-дин Димитар Ковачевски,

Ви се обраќам со отворено писмо по бројните и издржани реакции од јавноста кои се однесуваат на понудениот предлог од страна на Франција како можно решение за надминување на бугарско-македонскиот спор со цел
отпочнување на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија.

„Македонија е сѐ што имаме“, велеше нашиот прв претседател на државата Киро Глигоров, којшто ни остави аманет да ја чуваме, негуваме и унапредуваме оваа наша Македонска држава, за нашите деца и за идните поколенија. Но, дали денеска е навистина така? И дали денеска ја имаме истата визија за државата!?

Нашите родители, баби и дедовци се бореа за оваа татковина! Се бореа за еден ден да ни остават на нас слободна и независна Македонија – држава во која ќе има подобар живот, посреќни граѓани и мотивирани млади кои ќе
имаат поголеми можности за развој и напредок, наместо својата иднина да ја гледаат во странство.
Но, тие исто така ни оставија и аманет за ЗАЕДНИЧКО делување и ЗАЕДНИЧКО трасирање на македонскиот пат кон Европската Унија.

Премиере, во услови на серија секојдневни изјави и организирани напади од страна на Бугарија за македонската државност, недозволиво е Македонија сè уште да не е запознаена со францускиот предлог кој треба да го реши овој спор.

Недозволиво е за решавање на бугарско-македонски спор кој најмногу ја засега Македонија поради отпочнување на пристапните преговори со ЕУ да  не бидат запознаени пратениците од македонското собрание при постоење на
заеднички донесена декларација за црвените линии на Македонија.

Недозволиво е граѓаните секојдневно да слушаат невистини и навреди од страна на бугарски претставници, а Македонија, поточно членовите на Владата и надлежните институции сè уште да молчат по овој предлог, исто
како што молчеа и за последниот случај со отворањето на Здружението на граѓани во Битола под името Ванчо Михајлов, кој бил потврден фашистички соработник, а целиот негов живот работел против македонската државност.

Граѓаните треба да бидат информирани за сите разговори околу овој спор, за сè што се случува! Како премиер на сите граѓани во оваа држава имате обврска да им објасните на граѓаните што значи, но и што предвидува овој
документ за Македонија.

При минатогодишната посета на американскиот заменик-помошник државен секретар Метју Палмер на земјава тој нагласи дека Вашингтон би сакал Скопје и Софија преку дијалог да ги решат прашањата по билатерални
односи и да ги држат проблемите надвор од мултилатерални формати.
Македонија мора да се бори тоа да биде нашиот став, ова е билатерален проблем и нема врска со Европската Унија!

За какви билатерални односи говориме денеска кога Македонија и нејзините владини претставници не се запознаени и молчат за предлозите од страна на Франција кои се во најголем интерес за земјава!?

За какви билатерални односи говориме денеска кога македонските владини претставници и надлежни институции молчејќи за францускиот предлог најсилно говори дека го потврдуваат и се согласуваат со овој предлог кој има за цел да ја измени македонската државност и да скрои држава по бугарски терк!

Доколку Бугарија уште на самиот почеток го кочи отпочнувањето на претпристапните преговори на Македонија со ЕУ со услов за внесување на Бугарите во Македонскиот Устав, што ќе следува подоцна во текот на преговорите, па се до влезот во Унијата? Како е возможно поважно да биде внесувањето на Бугарите во Македонскиот Устав, а за Македонците во Бугарскиот Устав воопшто и да не се споменува, зпшто нема реципроцитет?

Дали нашата цена за влез во Европската Унија ќе биде откажување од Македонската држава!? Дали цената за отпочнување на преговорите, но и за влез во ЕУ е бугаризација на Македонија!?

Како е возможно како владини претставници за кои ве плаќаат сите граѓани во оваа земја досега да не покажете цврст став во однос на преговорите со Бугарија?

Јасна е намерата на Бугарија преку испраќање на низа лажни пораки дека до 1945 година сме биле бугари, а потоа сме станале македонци, што всушност значи дека сме вештачка творевина, или пак дека ако се крене ветото во Македонија никогаш немало да се научи вистинската историја.

Или пак дека Македонскиот јазик го сметале за дијалект на бугарскиот јазик, како што изјави Димитар Гочев од партијата на Кирил Петков.

Зошто нема никаква реакција на изјавата на Славе Трифунов од „Има таков народ“ за тоа дека Бугарите не го прифаќале постоењето на македонскиот јазик и дека таков јазик немало?

Граѓаните бараат одговори за една од последните изјави на бугарскиот претседател Румен Радев кој вели дека промената на Уставот на Република Северна Македонија е веќе прифатена да се случи. Кој прифатил промена на
Македонскиот Устав без поддршка од граѓаните!? И зошто на оваа изјава на Радев, се уште е молк? Освен народот, никој друг не смее да менува Устав!

Почитуван претседател на Владата Ковачевски,

Доколку навистина работите во интерес на граѓаните, на државата, на нашата една и единствена Македонија веднаш отфрлете го францускиот предлог, затоа што тој документ предложен од Франција претставува дебакл за македонската дипломатија. А, со прифаќање на овој предлог дозволувате да биде менувана историјата на македонскиот народ, која досега има своја македонска историја, македонска култура, јазик и нација.

Ја имате мојата поддршка за отфрлање на францускиот предлог, затоа што ние веќе имаме своја историја, која не треба да биде менувана со невистинити податоци со цел задоволување на потреби на одредени поединци. Македонија е сѐ што имаме, а само преку откажување на предлогот ќе покажете дека навистина работите за македонските државни
интереси!

– Не забрављај, наши корени су кумановски, наши предци су утемељени у овуј нашу Македонију с’с жртве.

ИНТЕГРАЛНО СООПШТЕНИЕ!

Коментари

коментар(и)