Димитриевски: Ќе понудиме опција која ќе им даде верба на граѓаните дека може да биде поразлично

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска во „Студио 10“ на телевизија 24 потенцираше дека оваа млада генерација Македонци којашто е родена од 1990-та година наваму ќе мора да се напои со патриотизам и да се пушти во системот, да продолжи да ја создава државата и да ја гради. Да се изградат таквите структури кои првенствено ќе и служат на Македонија, на македонскиот народ и на сите граѓани кои живеат во Македонија, а, подоцна ќе функционираат врз база на правилниците, прописите итн, кои ги носат повисоките државни органи.

Во емисијата, Димитриевски информираше дека оваа година Куманово има бесплатен јавен превоз како една од економските мерки, дополнителни средства за помош на финансиски загрозени семејства, плаќање на сметките за вода и ѓубрарина на семејствата од ниски социјални категории.

„Дополнително, помош на семејствата коишто рентаат дом под закуп со одреден износ субвенционирање. Реконстукција на улици тоа е константно, почнува со завршување на зимската сезона. Од април месец ќе се реконструираат голем број на улици. Спортската сала во Куманово интензивно се работи, планот е амбициозно, следната 2024 година во ноември месец кога се празниците на градот комплетно да ја завршиме. Се надевам дека ќе успееме. Дополнително, подготвивме средства за реконструкција на Соколана, бидејќи претходно средствата што ни ги даде државата ги одзема, бидејќи пола влада се кумановци и голем локал патриоти, ама го кочат Куманово, од друга страна се фалат дека направиле нешто, а не направија ништо. И едно од поголемите проекти ќе биде реконструкција на малиот плоштад, тоа е плоштадот кадешто е споменикот на Жена Борец Македонка и каде е лоциран Центарот за култура Трајко Прокопиев ќе го уредиме најсовремено тој дел на градот. Изградба на улици во рурални, урбани, рурално-урбани средини во големите населби и уште голем број на проекти“, рече Димитриевски.

Тој истакна дека разочарувањето кај граѓаните е големо и мора да се стави крај на ваквиот начин на живот.

„Седам дома разговарам со децата, велат „абе татко за политика, за политичар не сакаме да слушнеме“. Толку е големо разочарувањето што дури се раѓа и фрустрација зошто е тоа така. Јас политиката ја доживувам како работа кајшто преземате огромна одговорност да носите одлуки во име на тие што ве избрале. Тоа не е само привилегија, тоа е огромна одговорност. Но, за жал кај нас политичката елита се издвои од народот. Утрово ми пишува еден пријател на порака вели „во оваа наша држава масовно се иселуваат сите, единствено на политичарите им е добро“. Останатите бараат начин како да излезат, како да си заминат од државата. Тоа значи дека овој тренд ако продолжи ние ќе останеме држава без граѓани. Веројатно по 20 години ќе ни се случат трендови да не населуваат некои други народи на овие простори. Мора да го спречиме тоа. И во меѓувреме се занимаваме со Бугарија, со други, трети прашања како тоа ќе не смени некој дека не сме Македонци? Па, тоа е недозволиво, ниту може да се случи. Но, можеме самите да се самоизбришеме со тоа што ќе си заминеме и дополнително ќе се фрустрираме од сето она што се случува во нашето опкружување. Ако вие имате голем број на политичари, замислете колку ги има првенствено во Влада, во сите институции кои живеат на сметка на граѓанинот, граѓанинот плаќа се, а од друга страна не испорачуваат тоа што тој го побарува од нив. Нормално е да се фрустрира. Јас ги разбирам граѓаните и затоа ќе излеземе и ќе понудиме една опција која ќе даде верба кај граѓанинот дека може да биде поразлично од она што беше досега“, изјави Димитриевски.

Коментари

коментар(и)