Доделени Ноемвриски награди на свечена седница

„Голем број на наши сограѓани се одважија и спротивставија на најголемото зло на 20 -тиот век и земаа активно учество во НОБ и се изборија за слободата. За наша среќа имавме можност да растеме и да се образуваме покрај современиците на Втората светска војна, да ги слушнеме нивните животни приказни разбирајќи ја важноста на зборот слобода и самостојна и независна држава“, – рече претседателот на советот Максим Димитриевски, на свечената седница на која беа доделени Ноемвриски награди , по повод 72 години од ослободувањето на нашиот град од фашизмот.

– Советот на нашата Општина  ќе продолжи да носи одлуки во интерес на граѓаните при тоа водејќи се од начелата на транспарентност и еднакви можности за сите. Реални услови за политички натпревар на сите се со цел да се создадат подобри услови за урбано и достоинствено живеење на нашите граѓани.

Градоначалникот Зоран Дамјановски рече дека Куманово со гордост се сеќава на славните денови и дека секоја генерација носи свој удел за развој на Куманово. Но го нагласи и процесот на децентрализација.

Пред присутните се обратија и советниците, претставници на различни етнички заедници во Куманово.

Годинава, добитници на највисокото општинско признание се радио „Бум“ и здружението на граѓани „Кумановски акцијаши“ за придонес на локалната заедница во областа на екологијата, претседателот на културно-уметничкото друштво,„Панче Пешев“, Мирослав Крстевски, Рамо Рашидовски од областа на културата, Неџат Акифи, долгогодишен новинар,  тренерот на атлетскиот клуб,Филип Колевски, Верица Петровска, поетеса и Ваит Саити, директор на кумановската подружница на ЈП „Македонски шуми“.

На свечената седница беа врачени и благодарници за истакнати поединци. На седницата  присуствуваа бројни гости од збратимените градови,  од амбасадите, претставници на АРМ, МВР, поранешни градоначалници, сојуз на борци, здруженија на граѓани, невладини организации.

Коментари

коментар(и)