Жените го „прекројуваат “ буџетот

Изградба на градинки, проширување на градскиот кеј, озеленување на јавните површини, асфалтирање на улици во градот се само дел од предлозите на кумановки кои што би сакале да бидат реализирани во наредниот период од локалната самоуправа. Жените од Куманово во улога на градоначалнички денеска добија можност да го „прекројат“ општинскиот буџет за 2016-та , односно да кажат како да се потрошат парите од буџетот. Ова е дел од третата мартовска кампања „Жените буџетираат!“ на Акција Здруженска, со која оваа организација алармира дека јавните финансии не смеат да бидат забранета зона за жените. Кампањата се одвива преку еден вид на улична анкета, а нејзина главна цел е да ја поттикне буџетската транспарентност и да обезбеди поголемо вклучување на жените во процесите на планирање на локално ниво.

 -Она што нашето истражување го покажа е дека тие се речиси сосема исклучени од планирањето особено кога станува збор за јавните финансии. Оваа активност денес е една можност за жените од шест градови, да дадат предлози за тоа како во улога на градоначалнички би потрошиле определен износ од локалниот буџет во корист на жените, оваа активност е едновремено да го поттикнеме нивниот интерес за јавните финансии бидејќи е многу важно да знаат што локалната самоуправа прави и колку е тоа во нивна корист и воедно да адат предлог како во иднина поинклузивно и потранспарентно да се планираат јавните финансии. Ова е еден вид кампања од жени за жени, изјави Марија Савовска, Здружение за унапредуавње на родовата еднаквост -Акција Здруженска , Скопје

Досеге се анкетирани повеќе од 400 жени, а  ниту една од нив не го знаела износот на висината на буџетот , ниту пак  била консултирана на било каков начин за тоа како да се испланираат парите , а само некои од нив имале  некаква претстава дека парите ќе се трошат евентуално за улици, додава Савовска.

-Сето ова ќе биде систематизирано во еден извештај и како предлози ќе бидат доставени до општинските власти за да ги имаат предвид во следните процеси на планирање, изјави Савовска.

Настанот во Куманово се организира во соработка со локалниот женски центар „Жена на 21 век“ – Куманово.

Кампањата освен во Куманово се спроведува и во Дебар, Гостивар, Битола, Свети Николе и Тетово, во соработка со локалните женски организации кои се вклучени во менторската програма за следење и застапување на родовата еднаквост во буџетските процеси. Кампањата е дел од активностите на проектот на Акција Здруженска „Родовата рамноправност во локалните буџети“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

 

Коментари

коментар(и)