Заврши манифестацијата „Месец на книгата“

Со свечена приредба која се одржа во основното училиште Кочо Рацин, денеска заврши манифестацијата Месец на книгата, која е во организација на јавната општинска установа библитека Тане Георгиевски.  На свеченоста беа наградени најдобрите творби кои учествуваа на конкурсот, кој го организираше библиотеката. Директорката Нада Ивановска информираше дека годинава на конкурсот се пријавиле 87 ученици, а 147 ученици од сите основни и средни училишта доставиле ликовни творби.

-Денешнава манифестација завршна на Месецот на книгата овде во ОУ Кочо Рацин помина прекрасно, учениците, наставниците, целиот колектив се потрудиле да направат прекрасна сценографија, програма, во која сите повеќе од еден час уживавме-нагласи таа.

Домаќините на овогодинешната манифестација, од основното училиште Кочо Рацин истакнаа дека им претставува чест што со својата програма ја збогатиле  свеченоста.

-Замисливме една убава коореографија и сценографија за овој настан. Посебен ден за нас книжевниците, јазичарите е Месец на книгата. Децата се презадоволни како и ние од наградите коишто ги додели градската библиотека Тане Георгиевски но исто и од програмаат која ја подготвивме а беше во насока што повеќе да се читаат книги и мојот апел како професор е читајте книги, не ја заборавајте книгата-изјави професорката по македонски јазик Маја Стојановска.

На свеченоста беше презентирана и песна Љубовта не познава граници, која е резултат на соработката помеѓу основните училишта Кочо Рацин и Наим Фрашери. Песната која е двојазична на македонски и албански, треба да стане синоним на двете училишта во сите наредни проекти.

-Воедно работевме на истражувачка активност на мисли за книгата, другарството и истите беа преведени на македонски и албански јазик изработивме паноа кои се закачени, воедно оваа активност е и во рамки на проектот Прочитав јас, прочитај ти-изјави Весна Тодоровска, професор по македонски јазик во   ОУ Кочо Рацин.

Пред присутните освен наградените ученици, свои творби читаа и писателите Христо Петрески и Фејзи Бојку.

Коментари

коментар(и)