Заврши проектот Меѓуетничка интеграција

Во основното училиште Христијан Тодоровски Карпош денеска се одржа завршна манифестација на проектот за Меѓуетничка интеграција во образованието, кој го спроведуваат со партнер училиштето Седми март од село Опае. По тој повод, учениците од двете училишта на македонски и албански јазик, изведоа богата културно-уметничка програма. Директорката на основното училиште Христијан Тодоровски Карпош, Лидија Костиќ истакна дека постои интерес за продолжување на соработката.

-Ова е круна на нивната работа досегашна, сите заеднички и самостојни активности, се планира понатамошна соработка затоа што во колективот веќе се создаде една клима на позитивно искуство сакаат сите да се вклучат, бидејќи ние сме големо училиште има околу 70 вработени наставници, сите тие сакаат повторно да се вклучат во овој проект-нагласи таа.

Координаторите на проектот истакнаа дека учениците имале можност да соработуваат, да се дружат, но и да научат нешто ново. Нагласија дека за време на проектот заедно ги реализирале претставата Снежана и седумте џуџиња, ликовните работилници Годишни времиња и Скулптура на заедништво, изложбата на фотографии, а имале и неколку спортски активности.

-Целта на проектот е здружување  и приближување на децата со нивните пријатели од друго училиште, и тоа во иднина да се одржи, да се зацврсти. Во врска со децата да научат  и друг јазик, освен мајчиниот. Сакам да се заблагодарам на УСAИД и на директорите и општините кои не подржуваат, се надевам дека ова не е последен, дека ќе има уште проекти. Да се постигне целта зајакнување на другарството и љубовта-изјави координаторот на училиштето Седми март од село Опае, Бесник Ибраими.

-Јас се надевам дека ова не е завршеток туку сосема нов почеток. Завршува една низа од активности на кои ние работевме заедно со училиштето партнер од Опае, општина Липково.  Завршува една етапа почнува нова, во која искрено се надевам дека и останатите ќе не подржат во нашите заложби. Ние ги победивме предрасудите и стереотипите, покажавме дека можеме се надевам дека денеска ќе ви презентираме како тоа може да го направат сите сегменти на општественото живеење-изјави Даниела  Стојановска координатор на проектот од ОУ Христијан Карпош.

Проектот Меѓуетничка интеграција во образованието, се реализира со поддршка на американската агенција за меѓународен развој, УСАИД.

 

Коментари

коментар(и)