Волонтери, вработени во АРМ, во јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ и во Секторот за комунални дејности, инфраструктура и сообраќај и заштита на животната средина и природата во Општина Куманово се дел од еко -акцијата насловена „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ што започна утрово на повеќе локации во градот . Градоначалникот Максим Димитриевски посочи дека на територијата на општината евидентирани се повеќе од 70 диви депонии апелирајќи до граѓаните за повисока еколошка свест и соодветно одлагање на отпадот и градежниот шут кој најчесто завршува на дивите депонии. Димитриевски потенцираше дека дел од депониите се чистат по неколкупати во текот на годината, како што е случајот со дивата депонија кај поранешен „Туш“ на влезот од населбата Перо Чичо.
-Апелирам до граѓаните и ги молам да не го исфрлаат отпадот непрописно. Имаме јавно претпријатие и доколку има потреба ќе се јават таму и во секој момент можеме да доставиме голем контејнер за габаритен отпад, за градежен шут, а дополнително и да се придржуваат до Законот за комунална хигиена и чистота бидејќи на овој начин се уништуваме самите себе си, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово
Димитриевски посочи дека општината работи со скромни средства, но сепак има предвидено во рамките на Годишната програма за работа – ставка за расчистување на дивите депонии и дополнително, ставка за чистење на речното корито. „Општината ќе расчистува и дива депонија направена на регионален пат иако не е во нејзина надлежност, туку на Јавното претпријатие за државни патишта“, рече Димитриевски. Тој додаде дека секој граѓанин може да депонира ваков отпад на градската депонија каде што за влез се наплаќа скромна такса од 50 денари.
-Доколку има потреба и тоа да биде организирано, можеме со одлука на Советот да обезбедиме и бесплатен влез. Дополнително, услугата постои во рамките на јавното претпријатие да се постави на одредена локација за градежен отпад голем контејнер за која услуга мислам дека се плаќа околу 2.000 денари на јавното претпријатие. Во моментов имаме над 30 мотокултиватори кои што спротивно на Законот оперираат на територијата на Куманово, вклучени се директно во сообраќајот . Моментално локацијата ја уредуваме и поплочуваме и се обидуваме да ги дислоцираме од таму. Согласно законот немаат право да учествуваат во сообраќајот, но мора да потенцирам дека МВР не ги санкционира и во оваа прилика апел до МВР да се вклучат и постапуваат по Законот да ги санкционираат и да ги исклучат од сообраќај бидејќи досега имам три пати напишано писмено барање и никој ништо не презема на тоа поле. Малиот број на комунални инспектори и редари не ограничува во нашето делување, но ги повикувам реонските полицајци да се вклучат, изјави Димитриевски.
Акцијата „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ е поддржана и од Делегацијата на Европската Унија во Скопје преку нивниот проект „За чисто како дома исто“, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„За секои 10 килограми собран отпад ќе биде засадено дрво, создавајќи монументална шума „Сончева гора”“, изјави Ханес Јекел од „MAN AND MOUNTAIN LLC”.
„Никогаш не можеме да исчистиме толку колку што самите можеме да уништиме и загадиме. Ние ќе продолжиме да се бориме со овој феномен за да му дадеме модерен, урбан и зелен лик на Куманово“ , потенцираше градоначалникот Димитриевски.