Бројот на жртви на сообраќајниците во октомври 2021 година е за 55 отсто помал од бројот на жртви во октомври 2020, соопштија денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски и претседателката на РСБСП Гордана Кожувароска на одбележувањето на 15 ноември – Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи.
-Во октомври оваа година имаме пет жртви во сообраќајните несреќи, а во октомври минатата година имало 11. Ова е сериозно намалување, но ние продолжуваме со интензивните активности за овие бројки да се намалуваат и натаму и ги повикувам и оние граѓани кои до сега не ги почитуваа правилата да ни се приклучат и сите заеднички да обезбедиме безбедни патишта. 2020 беше најбезбедна година според бројот на жртви на патиштата, но првите десет месеци од 2021 покажуваат дека оваа година е со најмал број на жртви на патиштата, рече денеска Ангеловски.
За дополнително намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи МВР и РСБСП продолжуваат со превентивните активности, но и со засилени контроли за санкционирање на учесниците во сообраќајот кои не ги почитуваат законите. Во текот на вчерашниот ден санкционирани се 663 возачи поради возење со брзина поголема од дозволената.
