Потрошувачката на вода во Куманово е значително висока последниов период, информираа деновиве надлежните од јавното претпријатие „Водовод“.
Во одредени периоди од денот, се движи и до 400 литри вода во секунда. Покрај главниот вод, вклучен е бајпас од 130 литри во секунда, „Митев мост“ – 50 литри, Бедиње– 35 литри и во функција се резервоарите од Бајрам Шабани и населбата Карпош, кои дополнуваат вода во текот на ноќните часови.
-Има огромна потрошувачка во ноќните часови. Сметаме дека граѓаните полеваат бавчи, полнат базени, речиси во секој двор има базени. Немаме недостиг, но, сепак, треба одговорно да се однесуваме кон водата – изјави директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојмановски.
Секоја година, потрошувачката на вода во јули е зголемена од 30 до 40 проценти во однос на јуни, што се должи и на зголемените температури. Според податоците што ги обезбедува претпријатието преку скада системот, најмногу се троши вода во населбите каде што има претежно куќи со дворови, Перо Чичо, Карпош, Черкези. Инаку, процентот на наплата од почетокот на годинава е 73,39 отсто, што е задоволително, а на тековната сметка изнесува 46,7 отсто и се очекува да се зголеми до крајот на месецов.