Зголемени субвенциите за приклучок на гас за дури 50 %

За приклучок на гасоводната мрежа во Куманово наместо досегашните 10.000 денари, граѓаните во иднина ќе добиваат субвенции од 15.000 денари.

На последната седница советниците донесоа одлука да се зголеми надоместот на дел од трошоците за приклучок на гас на физички лица за 50 отсто, со цел да се поттикнат граѓаните да го користат гасот за затоплување на нивните домови. Со оваа мерка секако би се влијаело и на намалување на загадувањето.

„Се надевам дека тоа дополнително ќе ги стимулира нашите граѓани да се приклучуваат на дистрибутивната гасоводна мрежа, како еден на вид на олеснување. Исто така останува мерката приклучната такса да можат да ја плаќаат на 12 месечни рати. Мислам дека 550 евра не е некоја голема сума којашто граѓаните не можат да ја платат“,  изјави Никола Денковски, директор на ЈП „Куманово-гас“.

Приклучокот на гас за физички лица на почетокот на гасификацијата изнесуваше 800 евра, па пред неколку години се намали на 650 евра, а сега со новата мерка изнесува 550 евра.

Во Куманово има изградено околу 20 километри гасоводна мрежа и 300 приклучоци. Целиот процес оди бавно затоа што се финансира од општинскиот буџет без државна помош.

-Први сме во државата како општина што започна гасификација од сопствени средства уште во 2005/2006 година, кога беше основано и ЈП „Куманово-гас“.

Коментари

коментар(и)