(ВИДЕО) Здравствениот дом се подготвува за теренската имунизација

Екипи на кумановскиот Здравствен дом ги прават последните подготовки од понеделник да започне масовната теренска имунизација. Согласно планот ќе се опфатат руралните подрачја во кумановско, липковско и Старо Нагоричане. Од оваа установа информираат дека вакцинацијата ќе започне во понеделник, при што ќе се отворат посебни пунктови за масовна вакцинација, кои ќе функционираат во една смена, од 08 до 14 часот.

-Почнувајќи од понеделник, 12 јули нашите екипи ќе бидат во Слупчане, Опае, Оризаре, Старо Нагоричане, Челопек, Алгуња, Драгоманце и Пелинце. На 13-ти јули ќе бидеме во Арбанашко, Жегљане, Бајловце, Облавце. На 14 ти јули во Младо Нагоричане и Клечовце. На 15 ти јули во Градиште, Орашац, Пчиња, Проевце и Тромеѓа. На 16-ти јули екипите ќе се во Табановце, Речица, Горно и Долно Којнаре, Љубодраг, Ново село, Умин дол, Режановце и Слупчане-истакна Валдрим Мифтари, координатор на пункт Куманово.

Согласно планот, возрасните ќе се имунизираат со АстраЗенека, а помладите со Синовак. Инаку, пунктот во Бедиње, продолжува со работа во една смена. Во тек е вакцинацијата на наставниот кадар, а се имунизираат и вработените во јавното претпријатие „Чистота и зеленило“. Во Куманово досега се вакцинирани над 22.000 граѓани, а двете дози на вакцини примиле 16.300 лица.

 

Коментари

коментар(и)