Земјоделците му даваат двојка на министерството

Земјоделците не се задоволни од работата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во периодот од 2013 до 2016 година и му даваат двојка, покажува истражувањето на организацијата Рурална коалиција кое денеска беше промовирано во Куманово,  а е спроведено во рамки на проектот „Отчетност за сработеното со парите на граѓаните-реформа на јавната администрација која тешко се достигнува“.  Незадоволството е поради нефункционалноста на работените тела, кои треба да обезбедат учество на земјоделците во креирањето и спроведување политики. Во истражувањето на Рурална коалиција, реализирано во октомври и ноември годинава, се опфатени 400 испитаници од сите региони на ниво на државата.

-45 проценти од земјоделците даваат двојка на министерството во однос на работењето и нивниот ангажман.  Дури 21 процент даваат единица, значи над 60 од земјоделците не се задоволни од работењето. Тоа се потврдува и со фактот дека само 16 проценти од нив имаат информација како да се вклучат во активностите, но само 21 од испитаниците биле активни во овие тела-истакна Лилјана Јоноски, извршен директор на Рурална коалиција Куманово.

Истражувањето покажало дека земјоделците и вработените во министерството се согласуваат дека работените тела кои според Законот за земјоделство и рурален развој треба да го обезбедат учеството на земјоделците во процесите на креирање и спроведување политики, се целосно нефункционални и нивното постоење е само формално спроведување на законските одредби. Јонески потенцираше дека последниот извештај  за работењето на министерството на веб страницата е објавен дури во 2012 година, а од тој период датираат и членовите на подсекторските групи.

– Сите гранки во земјоделството се соочуваат со огромни проблеми и во производството и во пласманот на производите. Наместо да се креираат развојни политики, одреден дел од администрацијата се занимаваше кој и колку ќе добие државно земјиште, а со тоа и повлекување на субвенции кои се делеа по партиска линија на големи површини кои не се обработуваат, се беше нетранспарентно-истакна земјоделецот Саша Арсиќ.

Од Рурална коалиција информираа дека целосниот извештај на крајот на јануари ќе биде доставен до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Проектот е дел од „Граѓанска алијанса за транспарентност-набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации“, на Фондација Отворено општество-Македонија и Евротинк-Центар за европски стратегии, финансиран од Европската унија.

 

 

 

Коментари

коментар(и)